„Рајанер“ најави дека оваа зима ќе ја затвори својата база на аеродромот „Македонија“ во Солун и ќе го намали бројот на летови кон и од Грција. Одлуката доаѓа по спорот со операторот „Фрапорт Грција“, кој, според авиокомпанијата, ги зголемил аеродромските трошоци над нивото пред пандемијата.
Главниот комерцијален директор на „Рајанер“, Џејсон Мекгинес, изјави дека разговорите со „Фрапорт“ не донеле напредок и дека таксите на грчките аеродроми се 66 проценти повисоки од периодот пред ковид-кризата. Компанијата најавува дека од Солун ќе повлече три авиони, со што градот ќе изгуби околу 500.000 седишта и 10 рути во зимската сезона.
„Фрапорт Грција“ ги отфрли тврдењата дека одлуката е поврзана со аеродромските такси или со државната такса за развој на аеродромите. Според операторот, намалувањето на зимските операции во Солун е резултат на деловната стратегија, моделот на работа и проценките за профитабилност на „Рајанер“.
Намалувања се најавени и на аеродромот во Атина, а зимските операции на аеродромите во Ханија и Ираклион ќе бидат суспендирани во дел од сезоната. Вкупно, Грција ќе изгуби околу 700.000 седишта и 12 рути, а дел од авионите ќе бидат пренасочени кон Албанија, Италија и Шведска.
Засега не е соопштено дали затворањето на базата во Солун ќе значи и отпуштања меѓу околу 100-те вработени поврзани со оваа база. Потегот предизвика загриженост кај локалните власти и туристичкиот сектор, бидејќи евтините летови имаат значајна улога во поврзаноста на Солун надвор од летната сезона.





























