Инфлацијата во САД повторно се забрзува, а последиците од конфликтот на Блискиот Исток сè повеќе влијаат врз американската економија и секојдневниот живот на граѓаните.
Според најновите податоци од Бирото за статистика на трудот на САД (BLS), потрошувачките цени се зголемија за 3,8 проценти на годишно ниво во април, што е најголемо зголемување од мај 2023 година.
Најголемиот притисок доаѓа од енергијата и храната. Цените на горивата нагло се зголемија по ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран и практичното затворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски патишта во светот за транспорт на нафта и гас. Просечната цена на галон безоловен бензин во САД достигна 4,50 долари, највисоко ниво од летото 2022 година, според податоците од автомобилската асоцијација AAA.
BLS наведува дека речиси половина од вкупното зголемување на инфлацијата е поврзано токму со зголемувањето на цените на енергијата, додека дополнителен притисок создаваат поскапите станови и прехранбени производи. Ова повторно го отвора прашањето колку е чувствителна американската економија на геополитички пореметувања, особено во време кога пазарите очекуваа смирување на инфлацијата и почеток на намалување на каматните стапки.
Но, новите податоци укажуваат во спротивна насока. Откако инфлацијата беше 3,3 проценти во март, скокот на 3,8 проценти во април дополнително ги намалува шансите Федералните резерви да почнат да ги намалуваат каматните стапки оваа година. Во наредните месеци, повисоките цени на енергијата и транспортот би можеле да се прошират на поширок спектар на стоки и услуги, што го зголемува ризикот од подолг период на зголемена инфлација.
Фото – Pickpedia






























