Франција ја казни платформата за брза мода Shein со 22 милиони евра, или речиси 25 милиони долари, за кршење на правилата за заштита на потрошувачите. Веста ја објави во среда министерот за трговија, Серж Папен, наведувајќи дека се пронајдени пропусти во почитувањето на правото на повлекување од купување и обезбедување задолжителни информации за клиентите.
Министерот Папен објасни на социјалната мрежа X дека „телото за борба против измами санкционира сериозни прекршувања на законот“. Меѓу прекршувањата тој наведе недостаток на транспарентност во врска со влијанието на продадените производи врз животната средина.
„Тука не казнуваме грешки, туку цел систем“, нагласи Папен, алудирајќи на деловни практики што ги заобиколуваат прописите за заштита на потрошувачите.
Тој, исто така, изрази загриженост за нелојалната конкуренција, тврдејќи дека ваквите деловни практики ги ставаат трговците на мало кои ги почитуваат правилата во неповолна положба. Тој најави дека властите ќе продолжат да ги следат ваквите платформи сè додека не ги променат своите практики или не го напуштат францускиот пазар.
Од Shein изјавија дека силно не се согласуваат со санкциите, кои ги опишаа како „очигледно непропорционални и дискриминаторски“. Компанијата во соопштението наведува дека не е утврдена никаква штета за потрошувачите и дека не е запознаена со никакви поплаки од клиенти поврзани со проблемите.
Генералниот директорат за конкуренција, потрошувачки прашања и борба против измама (DGCCRF) изјави дека санкциите се однесуваат на недостатоци во следливоста на производите, еколошките барања, правата за повлекување и времето на испорака. Со оваа казна, вкупниот износ на казни изречени на Shein во Франција надмина 210 милиони евра.
Shein веќе беше казнет со 40 милиони евра во Франција во јули минатата година. Минатата недела, Европската комисија, исто така, изрече казна од 200 милиони евра на кинеската платформа за е-трговија Temu.
(N1)
(фото: Wikimedia)





























