Соединетите Американски Држави и Иран постигнаа прелиминарен мировен договор кој треба да стави крај на војната меѓу двете земји, но многу клучни прашања сè уште се нерешени. Се очекува меморандумот за разбирање да биде потпишан во петок во Женева, додека преговорите за деталите продолжуваат. Веста за договорот прв ја објави пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој посредуваше меѓу Вашингтон и Техеран во последните недели. Набргу потоа, американскиот претседател Доналд Трамп го потврди договорот и рече: „Договорот со Исламската Република Иран е завршен. Честитки до сите!“, објавува Гардијан.
Трамп тврди дека „големиот договор“ ќе донесе мир и стабилност во регионот, како и повторно отворање на Ормутскиот теснец, еден од најважните светски патишта за превоз на нафта. Според него, по потпишувањето на договорот, ќе започне отстранувањето на мини, а циркулацијата на нафтата ќе биде целосно обновена.
Од иранска страна, заменик-министерот за надворешни работи, Казем Гарибабади, изјави дека договорот значи „итен крај на војната“ и дека прекинот на непријателствата ќе се применува на сите фронтови, вклучително и на Либан. Сепак, иранските медиуми објавуваат дека режимот за навигација низ Ормутскиот теснец ќе биде воспоставен според „иранските договори“, што укажува дека конечните детали сè уште не се договорени.
Трамп дополнително изјави дека преминот низ Ормутскиот теснец ќе биде трајно ослободен од сите даноци, но во исто време предупреди дека САД би можеле да продолжат со воените напади ако Иран не се согласи на конечен договор за својата нуклеарна програма. Тој дури и посочи дека Америка би можела да стане „чувар на Блискиот Исток“ во замена за дел од приходите на регионот, што предизвика загриженост кај некои воинствени американски политичари.
Договорот генерално беше позитивно примен во светот. Лидерите на европските земји, како и владите на Јапонија и Австралија, го поздравија договорот, додека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, оцени дека тоа е „клучен чекор“ кон стабилизирање на регионот. Реакцијата на пазарот беше позитивна, берзите во Токио и Сеул забележаа силен раст, додека цената на нафтата падна за повеќе од три долари за барел.
Засега нема официјална реакција од Израел, кој претходно објави дека не учествува во преговорите меѓу САД и Иран. Договорот беше постигнат и покрај тоа што Израел во неделата започна напад врз цели во Либан, што беше критикувано и од Техеран и од Трамп, па затоа останува неизвесно колку навистина ќе биде стабилен и траен нововоспоставениот мир.
Фото – Eeasy Peasy



























