Пакомак, како пионер во воспоставувањето на системот за селекција и рециклирање на отпад од пакување во Македонија, продолжува да ја развива една од најголемите и најиновативни инвестиции во областа на управувањето со отпадот. Во тек е реализација на првиот современ погон за автоматско селектирање на отпад од пакување во земјата и еден од најголемите од ваков тип на Балканот, со што Македонија ќе направи значаен исчекор кон европските модели на управување со отпадот.
„Со оваа инвестиција вредна над 2 милиони евра поставуваме нови стандарди за управување со отпадот во Македонија и отвораме ново поглавје во развојот на системот за селекција и рециклирање. Нашата цел е отпадот од пакување повеќе да не завршува на депонија, туку да стане вреден ресурс што повторно ќе се враќа во употреба. Со воведување на најсовремена технологија, вештачка интелигенција и дигитални системи, создаваме паметен погон кој во реално време ќе го препознава и следи отпадот што влегува и се процесира. Тоа ќе ни овозможи значително поефикасна и попрецизна селекција, максимално искористување на материјалите за рециклирање и примена на највисоките европски стандарди во управувањето со отпадот.“
Веруваме дека ваквите инвестиции се клучни за создавање модерен и одржлив систем за управување со отпадот, кој ќе донесе долгорочни придобивки за граѓаните, животната средина и идните генерации. Пакомак и понатаму останува посветен на воведување иновативни решенија кои ќе ја движат Македонија кон почиста, поодржлива и поодговорна иднина“, изјави Ико Брдароски, менаџер за развој на бизнис и комуникации во Пакомак.

Инвестицијата е реализирана со поддршка на Швајцарската Амбасада, долгогодишен партнер на Пакомак, како дел од втората фаза на проектот „Паметно управување со отпадот“. Оваа поддршка претставува уште една потврда дека меѓународните партнери ја препознаваат и веруваат во визијата, стручноста и посветеноста на Пакомак за создавање современ и одржлив систем за управување со отпадот. Со оваа инвестиција, Македонија прави значаен исчекор кон иднината, во која иновациите и одговорниот пристап стануваат основа за трајни позитивни промени.
Отпадот од пакување, кој денес сочинува околу 20–25% од тежината на комуналниот отпад, но зафаќа дури до 60% од волуменот на контејнерите, со правилна селекција и примена на современа технологија ќе добие нова вредност – од отпад што го отстрануваме, во ресурс што повторно се користи и се враќа во производниот процес. Секоја правилно селектирана пластична амбалажа, стаклено шише, лименка или картонски отпад одложен во жолтите, сините и зелените контејнери или повратните вендинг машини на Пакомак претставува важен чекор кон почисти населби, градови, села и поодржлива животна средина. Новиот погон ќе им даде дополнителна вредност на овие секојдневни навики, овозможувајќи отпадот што денес го создаваме да стане вреден ресурс за иднината.
Со заеднички напори преку иновации, современа технологија и активно партнерство меѓу граѓаните, институциите и компаниите градиме поефикасен и одржлив систем во кој отпадот не е проблем, туку вреден ресурс со нова намена. Заедно создаваме иднина во која селекцијата и рециклирањето стануваат природен дел од секојдневното живеење, а одговорното управување со отпадот се претвора во нов стандард за почиста и поодржлива Македонија за сите нас.


























