Членовите на Европскиот парламент го поддржаа почетокот на разговорите за создавање дигитална верзија на еврото, со што Европската унија направи нов чекор кон воведување на сопствена дигитална валута. Големо мнозинство од европратениците го одобрија мандатот за преговори за правната рамка за дигиталното евро, откако претходно даде поддршка надлежниот комитет на Европскиот парламент.
Ова значи дека преговарачите од Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ сега можат да започнат разговори за конечниот текст на регулативата. Целта е да се постигне договор до крајот на 2026 година, а Европската централна банка се надева дека доколку се исполни тој рок, дигиталното евро би можело да им биде достапно на граѓаните во 2029 година.
Првиот состанок на преговарачите се очекува овој месец, а пилот-програма е планирана за средината на 2027 година, која би тестирала како дигиталното евро би функционирало во пракса.
Дигиталното евро е замислено како електронска форма на пари издадена од Европската централна банка и би можела да функционира за онлајн и офлајн плаќања. Европскиот парламент претходно нагласи дека дигиталното евро треба да ги надополнува готовината, а не да ја заменува, и дека мора да обезбеди приватност, финансиска стабилност и универзален пристап до плаќања.
Европската унија верува дека дигиталното евро би помогнало да се намали зависноста од американските платни системи и технолошки компании, вклучувајќи ги Visa, Mastercard, Apple Pay и Google Pay.
Еден од главните преговарачи на Европскиот парламент, Фернандо Наварете Рохас, рече дека дигиталното евро треба да биде алтернатива, а не обврска.
Застапниците на дигиталното евро тврдат дека новата валута ќе го зајакне европскиот монетарен суверенитет и ќе понуди безбедно јавно дигитално средство за плаќање во еврозоната. Сепак, критичарите предупредуваат на потенцијални ризици за приватноста, трошоци за имплементација и влијанија врз банкарскиот сектор.
(Klix.ba)
(фото: Pick Pik)





























