Во е-пошта испратена до корисниците, Google потврди дека на 4 септември ќе започне со исклучување на услугата Google Assistant на Android уредите, што ќе ги принуди корисниците да се префрлат на апликацијата Gemini.
Иако првичниот план беше постепено да се укине Assistant на крајот на 2025 година, имаше кратко одложување додека компанијата ги зацврстуваше аспектите на новиот систем. Процесот на целосно прекинување на поддршката по 4 септември може да потрае неколку недели, додека ништо нема да се промени за корисниците кои веќе го направиле преминот.
Одлуката за откажување на Google Assistant на мобилните уреди значи и негово исклучување на голем број други гаџети што се поврзуваат со телефонот, па паметните часовници, слушалките и автомобилите со Android Auto системот исто така ќе бидат принудени да се префрлат на Gemini.
Повеќето паметни домашни уреди на Google веќе се префрлија на новиот систем, додека телевизорите со Android и возилата со вграден софтвер на Google не се на оваа листа за исклучување и ќе се префрлат на Gemini во иднина, пишува Ars Technica.
Корисниците со постари уреди кои не ги исполнуваат минималните спецификации за Gemini, како и оние кои живеат во региони каде што оваа нова технологија сè уште не е поддржана, ќе бидат привремено ослободени од ова исклучување.
За долгогодишните корисници на Google Assistant, постои период на прилагодување бидејќи стариот асистент е заменет со помоќниот, но понекогаш комплициран Gemini chatbot.
Иако стариот систем не можеше да води разговори, корисниците секогаш знаеја што добиваат од него, додека Gemini понекогаш отстапува од темата или заборава дека има пристап до одредена алатка, што може да биде фрустрирачко за брзи гласовни интеракции.
Во секој случај, речиси сите корисници ќе го изгубат пристапот до стариот асистент на своите телефони во следниот месец или два, по што ќе мора да ја користат новата генеративна вештачка интелигенција или целосно да ги исклучат гласовните контроли.
Фото – Netscribes





























