Флорида сè повеќе се наведува како пример за крајбрежни градови кои се прилагодуваат на покачувањето на нивото на морето, бурите и почестите поплави преку нови архитектонски и инфраструктурни проекти. Пејзажниот архитект и професор Џефри Хубер сè уште се сеќава на ураганот Ендру, кој го откорна покривот од домот на неговото семејство во Јужна Флорида во 1992 година. Неговото семејство чекаше со денови за помош, се потпираше на донации од храна со недели и живееше во приколка повеќе од една година.
Денес тој вели дека искуството било важно не само поради самата бура, туку и поради прашањето како да се планираат градовите за последиците. Хубер, кoj e професор на Архитектонскиот факултет на Универзитетот Флорида Атлантик, предупредува дека екстремните бури и сценарија стануваат сè почести.
„Не е работата како да се запре водата, туку како да се живее на неа, со неа и над неа.“
Проблемот е особено акутен во крајбрежните области, каде што живеат околу 129 милиони луѓе, речиси 40 проценти од населението на САД, а истражувањата покажуваат дека зголемувањето на нивото на морето предизвикано од човекот ја зголемило фреквенцијата на екстремни крајбрежни поплави низ целиот свет.
Во Мајами Бич, Ања Фримен со години гледала како улиците се полнат со вода до колена по дождот. Без практични решенија, вели таа, ја напуштила својата адвокатска кариера во 2024 година за да го лансира стартапот наречен Kind Designs.
Компанијата произведува 3Д-печатени „живи“ морски ѕидови кои ги штитат крајбрежјата од поплави, а истовремено служат како живеалиште за морски видови. Нивните ѕидови распрснуваат најмалку 45 проценти од енергијата на брановите, а истражувачите на Меѓународниот универзитет во Флорида регистрирале 51 вид на еден ѕид една година откако бил инсталиран.
Сличен пристап се гледа во проектот за домување Vista Breeze во Мајами Бич, кој е подигнат на околу 4 метри надморска височина и е дизајниран да издржи бури до 20 стапки. Во Форт Лодердејл поранешен паркинг е трансформиран во парк кој служи и како јавен простор и како инфраструктура за заштита од поплави.
Хубер вели дека идеите развиени во Мајами стануваат сè порелевантни за другите крајбрежни градови низ целиот свет: „Идеите на кои работиме тука, дизајнирајќи за овие екстремни сценарија како што е зголемување на нивото на морето од 1-3 метри ќе станат сè порелевантни за крајбрежните градови низ целиот свет.“
Сепак, експертите предупредуваат дека најголемите пречки остануваат финансирањето, јавната политика и поддршката на заедницата. Универзитетот во Мајами, исто така, работи на фонд за помош на посиромашните заедници да развијат проекти отпорни на климатските промени, вклучувајќи ги и таканаречените „паркови со сунѓери“ кои апсорбираат дождовница и помагаат во управувањето со дождовницата.
(Klix.ba)
(фото: Flickr)




























