Средношколци и студенти ќе добијат можност своите идеи да ги претворат во конкретни AI решенија во рамки на AI Student Hackathon powered by OpenAI, кој е дел од AI Tech Summit „Filip Avramchev“ Skopje 2026, кој ќе се одржи од 22 и 23 септември во Националната опера и балет во Скопје.
Хакатонот е замислен како практичен предизвик во кој младите нема само да учат за вештачката интелигенција, туку ќе работат со OpenAI алатки и ресурси за да развијат сопствен работен прототип.
Учеството е отворено за средношколци и студенти, а бројот на места е ограничен на 10 тима со најмногу четири членови во тим. За учество не е потребна однапред целосно разработена идеја, туку подготвеност за експериментирање, тимска работа и практична примена на AI.
Пет дена од предизвик до прототип
Предизвикот ќе биде објавен на 18 септември, со што официјално ќе започне работата на тимовите. Од тој момент, учесниците ќе имаат пет дена да ја развијат својата идеја во работен прототип.
На 22 септември, проектите ќе бидат презентирани пред жири кое ќе ги оценува идејата, применливоста, техничката изведба и потенцијалот на решенијата.
Трите најдобри тима ќе продолжат во финалето на 23 септември, кога своите проекти ќе ги претстават на Main Stage пред публика, компании и претставници на AI, IT и бизнис заедницата.
Покрај работата со OpenAI алатки и ресурси, учесниците ќе имаат можност да развијат практично искуство, да го претстават својот прототип пред поширока публика и да се поврзат со луѓе и компании од технолошкиот екосистем.
За најдобрите тимови се предвидени награди, можности за понатамошна соработка и препознавање пред регионалната AI и tech заедница.
Пријавувањето за AI Student Hackathon е достапно преку онлајн формата: https://tally.so/r/WOVbgR
Повеќе информации за AI Tech Summit „Filip Avramchev“ 2026 се достапни на www.techsummit.ai





























