Вакцина против рак би можела да биде достапна уште следната година

- Advertisement -

Компаниите Moderna и Merck ги објавија позитивните резултати од третата фаза на испитувањето на mRNA-терапијата наменета за борба против ракот, што во научниот свет веќе се смета за вистинска сензација. Во фокусот на истражувањето е „интисмеран“ (intismeran) – експериментална терапија заснована на mRNA-технологија, приспособена за секој поединечен пациент. Таа се користи во комбинација со лекот „китруда“/„пембролизумаб“ (Keytruda / pembrolizumab) и е тестирана кај пациенти со меланом од висок ризик.

„Овие резултати претставуваат важен чекор напред во третманот на меланом по хируршка интервенција. Ова е првото испитување од трета фаза што покажува дека ’интисмеран‘ – терапија дизајнирана врз основа на уникатните генетски промени во туморот на секој поединечен пациент – во комбинација со ’пембролизумаб‘, може да го намали ризикот од повторна појава на болеста или смрт. Ова е особено забележливо кај пациенти кај кои целосно е отстранет меланом од стадиум IIB-IV, во споредба со третманот само со ’китруда‘“, истакна професорката Џорџина Лонг, експерт за третман на меланом и транслациски истражувања на Универзитетот во Сиднеј и главен истражувач на студијата.

- Advertisement -

Зад mRNA-вакцината стои компанијата што стана позната за пошироката јавност за време на пандемијата, додека Merck е одговорен за споменатиот лек „китруда“. Студијата е спроведена врз повеќе од 1.100 пациенти со меланом од висок ризик или во напреднат стадиум, кај кои претходно хируршки целосно бил отстранет видливиот тумор.

Покрај тоа, се намалува и ризикот од ширење на ракот на други делови од телото.

- Advertisement -

Објавата предизвика и вистински бран на возбуда на берзите, откако вредноста на акциите на Moderna порасна за дури 180 отсто. Аналитичарите веќе подолго време проценуваат колкава би можела да биде реалната вредност на оваа терапија доколку биде одобрена од регулаторните тела.

GlobalData смета дека годишната продажба до 2031 година би можела да достигне вредност од над една милијарда долари, додека Barclays, повикувајќи се на анализата на Market Spectator, проценува сума трипати поголема – иако, треба да се напомене, до 2034 година.

- Advertisement -

Заработката на компанијата би можела да биде многукратно поголема доколку „интисмеран“ – кој медиумите веќе го нарекуваат вакцина против рак – се покаже како ефикасен и кај други видови рак, како што се ракот на белите дробови, мочниот меур и бубрезите.

Најдиректен конкурент на Moderna и Merck е компанијата BioNTech, која во соработка со Genentech развива персонализирана mRNA-вакцина против рак, наречена BNT122, слична на „интиресман“. И други компании развиваат терапии базирани на РНК за третман на рак, но Moderna и Merck моментално се во предност бидејќи нивниот производ веќе покажа позитивни резултати во клиничко испитување од трета фаза.

Следниот чекор за „интиресман“ е презентирање на деталните резултати и поднесување барање за одобрување до регулаторните органи. Доколку регулаторниот процес помине без поголеми пречки, терапијата за лекување меланом би можела да биде достапна уште во 2027 година.

(Financije.hr)

(фото: Flickr)

- Advertisement -