Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) планираат да инвестираат 40 милијарди евра во Германија, објавија двете земји за време на денешната посета на претседателот шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан. Пакетот вклучува инвестиции во напредна дигитална инфраструктура, вклучително и развој на нови центри за податоци, јавуваат странските новински агенции.
Претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, е во дводневна посета на Германија. Денес во Берлин прво беше пречекан со воени почести од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, а потоа се сретна со канцеларот Фридрих Мерц, јавува германската новинска агенција ДПА.
Претседателите на ОАЕ и Германија го поздравија објавувањето на инвестицискиот пакет во вкупна вредност од 40 милијарди евра. „Пакетот вклучува инвестиции во напредна дигитална инфраструктура, вклучително и развој на нови, најсовремени центри за податоци“, изјави Берлин, цитиран од француската новинска агенција АФП.
Kaко што пренесува порталот seebiz.eu, средствата делумно ќе се користат за финансирање на центри за податоци со капацитет до еден гигават, а ќе се формира и инвестициски совет за унапредување на деловните врски меѓу двете земји.
Министерот за технологија на ОАЕ, Султан Ал Џабер, изјави дека Германија е важен стратешки и економски партнер на ОАЕ со децении. „40-те милијарди евра издвоени за инвестиции ја одразуваат нашата посветеност на инвестирање во овој однос“, рече тој. Според министерот, планираните инвестиции ќе ги стимулираат оние индустриски сектори, технологии и квалификувани работни места кои се двигатели на идниот раст и конкурентност.
ОАЕ е најголемиот трговски партнер на Германија во Заливот. Минатата година, трговијата меѓу двете земји надмина 15 милијарди долари, а многу големи германски компании се присутни таму, вклучувајќи ги BMW, Siemens, ThyssenKrupp и Deutsche Bahn. ОАЕ, во меѓувреме, инвестираше многу во Германија, вклучително и во хемиската индустрија и офшор ветерните фарми.
За време на посетата, германските и емиратските компании потпишаа уште 29 договори со вкупна вредност од 9,4 милијарди евра, пренесува AFP.
Фото – Agenzia Nova

























