Колку е дигитално писмен Балканот?

- Advertisement -


Црна Гора е на врвот, а Албанија на дното во однос на просечната дигитална компетентност на населението. Во светот на ChatGPT, DALL-E, Copilot, NFT, AWS итн. и во свет каде што дигиталните вештини веќе не се луксуз, туку неопходност, каде се наоѓаме во однос на дигиталната писменост?

Според најновите статистички податоци на Евростат, 53,92 отсто од населението во ЕУ поседува барем основни дигитални вештини; оваа бројка не е одлична, со оглед на тоа што речиси 90 отсто од луѓето во ЕУ користат интернет најмалку еднаш неделно. Основните дигитални вештини им овозможуваат на луѓето да се снаоѓаат во сложеноста на дигиталните платформи кои се клучни за современото работно место. Во земји како Финска и Холандија високиот процент (79%) на дигитално писмено население е поврзан со подобар економски развој и повисоко ниво на иновации. Голем број жители во Ирска (70%) и Данска (69%) исто така поседуваат основни или напредни дигитални вештини, додека Романија (28%) и Бугарија (32%) се наоѓаат на дното на листата.

- Advertisement -

Каква е ситуацијата на Балканот? Земјите од Западен Балкан не можат да се пофалат со високо ниво на дигитална писменост кај населението. Просечното ниво на дигитална компетентност изнесува 36,31 отсто. Албанија е на најниското место, со само 23,8 отсто од населението што поседува основни или напредни дигитални вештини, што претставува сериозен предизвик за интеграција во дигиталната економија. Околу 32 отсто од македонското население е дигитално писмено, првенствено меѓу младите. Црна Гора е лидер во регионот со 47,21 отсто, но сепак заостанува зад просекот на ЕУ.

Разликата во дигиталните вештини меѓу населението на Балканот и ЕУ ја истакнува итната потреба од образовни реформи и подобрување на политиките за да се надмине дигиталниот јаз. Усогласувањето на наставните програми со барањата на дигиталната ера и фокусирањето на практични вештини – како што се програмирање, анализа на податоци и дигитална безбедност – може значително да го зголеми нивото на дигитална писменост, со оглед на тоа што побарувачката за напредни дигитални вештини ќе продолжи да расте, а ќе се појавуваат и нови работни места што ќе ги бараат тие вештини.

- Advertisement -

И ЕУ и Западен Балкан мора да му дадат приоритет на доживотното учење и континуирано да ги прилагодуваат своите образовни системи за да ги подготват граѓаните за идните предизвици.

(WebMind)

- Advertisement -

(фото: Easy Peasy AI)

- Advertisement -