Big Mac пристигнува од воздух: McDonald’s воведе достава со дронови во Кина

- Advertisement -

Жителите на Шангај сега можат да нарачаат „Bug Mac, McNuggets и други производи од McDonald’s, а нарачките да им бидат доставени по воздушен пат. Во соработка со Meituan, компанијата воведе посебна рута за достава на храна со дронови во една од крајбрежните зони на градот.

Нарачките се вршат преку Meituan, кинеска платформа што ги интегрира доставата на храна, малопродажбата и разни локални услуги. Откако ќе се направи нарачката, дрон ја зема храната од ресторан на McDonald’s и ја носи до одредени точки за преземање. Според Meituan, целиот процес – од кујната до точката за преземање – трае околу 10 минути.

- Advertisement -

Новата рута се наоѓа во областа Вест Банд (West Bund) во округот Сјухуи (Xuhui) во Шангај. Таа се протега на околу 3,1 километар, поврзувајќи го ресторанот на McDonald’s во Сјухуи со низа точки за преземање долж реката. Наместо да чекаат доставувач или да го посетуваат ресторанот, купувачите ја преземаат храната на специјално дизајнирани станици опремени со платформи за слетување на дронови.

Од Meituan наведуваат дека нивните дронови можат да носат товар до 2,4 килограми по лет. Системот е дизајниран да функционира при дожд и снег, како и при брзина на ветерот до приближно 50 километри на час. Кога временските услови стануваат неповолни, летовите се прекинуваат, додека дроновите што се веќе во воздух се враќаат во базата и ги завршуваат тековните испораки.

- Advertisement -

Оваа нова услуга претставува прв случај во кој McDonald’s во Кина обезбедува посебна рута исклучиво за сопствените нарачки. Сепак, Meituan почна да користи дронови за достава на храна уште во 2017 година, а оттогаш технологијата се прошири во сè поголем број кинески градови.

Досега компанијата разви мрежа што опфаќа – според нејзините податоци – околу 20 брендови. Вкупниот број на платени нарачки доставени со дронови надмина еден милион по воведувањето на новата рута во Шангај.

- Advertisement -

Доставата на Big Mac е само еден пример за поширокиот план на Кина за развој на таканаречената „економија на ниски височини“. Концептот предвидува воздушниот простор над градовите – особено на височини достапни за дроновите – да стане дел од секојдневната транспортна и логистичка инфраструктура. Meituan веќе започна со примена на оваа технологија и надвор од Кина. Кон крајот на 2024 година, нејзината подружница Keeta Drone доби одобрение за комерцијални летови надвор од директното видно поле на операторот во Обединетите Арапски Емирати. Таму дроновите испорачуваат не само храна, туку и крвна плазма за болница-партнер.

Според податоците наведени од Fast Company, кинеските власти очекуваат вредноста на пазарот на економијата на мали височини повеќе од двојно да се зголеми во текот на следната деценија, достигнувајќи приближно 521,7 милијарди долари до 2035 година. Во јуни оваа година CCID Consulting регистрираше над 127.000 компании кои работат во овој сектор. Шангај планира да воспостави 400 рути за летови на мали височини до крајот на 2027 година, додека речиси 30 кинески провинции имаат слични планови.

Разликата во однос на САД моментално е доста голема. Додека во Кина дроновите постепено се интегрираат во секојдневната логистика, испораката со дронови во САД главно останува ограничена на одредени области и пилот-проекти. Во Европа ,регулаторниот пристап е донекаде пофлексибилен, но инфраструктурата и обемот на имплементација сè уште заостануваат зад Кина.

На тој начин, McDonald’s добива уште еден канал за испорака на своите производи, додека Шангај истовремено добива практичен пример за тоа како дроновите би можеле да станат дел од урбаната логистика. Засега операцијата опфаќа ограничена рута, но кинеските планови укажуваат на тоа дека ваквите методи на испорака би можеле да станат многу почеста појава во наредните години.

(Bizlife)

(фото: Chat GPT)

- Advertisement -