Американскиот претседател Доналд Трамп најави формирање на посебно тело за следење на развојот на вештачката интелигенција (ВИ) во САД, како и именување на нов координатор за оваа област – кого го нарече „цар за вештачка интелигенција“.
Доналд Трамп го најави формирањето на специјална единица наречена AI Force, задолжена за надзор на развојот на вештачката интелигенција во Соединетите Држави.
„Го Формирам AI Force, слично како што ги формирав Space Force за време на мојот прв мандат – кои постигнаа огромен успех“, напиша Трамп на својата платформа за социјални медиуми, Truth Social.
Тој додаде дека наскоро ќе го објави името на новиот „цар за вештачка интелигенција“, напоменувајќи дека треба да аплицираат само поединци со висок коефициент на интелигенција.
Засега, деталите во врска со организацијата, составот и конкретните овластувања на овие AI Force остануваат непознати.
WallStreet Journal забележува дека ова е првпат Трамп да најави посебно федерално тело поврзано со надзорот на развојот на вештачката интелигенција.
Најавата доаѓа во време на засилена дебата во САД околу тоа дали треба да се забави развојот на најнапредните модели на вештачка интелигенција и дали треба да се воведат дополнителни безбедносни мерки.
Во последните денови лидерите на неколку големи технолошки компании повикаа на посилни заштитни мерки и повнимателен пристап кон развојот на најмоќните системи за вештачка интелигенција.
Трамп се противи на таквиот пристап.
„На ниту еден начин нема да го попречиме или задушиме растот на оваа неверојатна индустрија. Напротив, ќе ја негуваме, ќе ја поддржуваме и ќе го надгледуваме нејзиниот раст“, напиша тој.
Трамп исто така смета дека потенцијално штетните употреби на вештачката интелигенција треба да се решаваат преку постоечките кривични и граѓански закони, наместо преку воведување нови ограничувања насочени конкретно кон вештачката интелигенција.
Во последните денови тој постојано ги отфрлаше предупредувањата за потенцијалните екстремни ризици поврзани со развојот на вештачката интелигенција. Претходно оваа недела, тој напиша дека за вештачката интелигенција едноставно е потребен „силен и паметен претседател“, притоа поврзувајќи ги повиците за построга регулатива со обидите да се забават САД во технолошката трка со Кина.
Трамп тврди дека вештачката интелигенција би можела да сочинува една четвртина од БДП на САД.
Трамп првенствено ја гледа вештачката интелигенција како голема економска и геополитичка можност за Соединетите Држави.
„Вештачката интелигенција е следната индустриска револуција или интернетот, но ќе биде уште поголема и со поголемо влијание – можно е да сочинува до 25 отсто од БДП на нашата земја“, напиша тој.
Тој не наведе извор ниту временска рамка за проценката дека вештачката интелигенција би можела да сочинува дури една четвртина од БДП на САД.
„Ние сме пред Кина и остатокот од светот и имам намера така и да остане“, додаде Трамп.
Со месеци американскиот претседател го претставува развојот на вештачката интелигенција како технолошка трка со Кина. Минатата недела тој изјави дека повеќе е загрижен за можноста САД да го загубат технолошкото лидерство отколку за шансата вештачката интелигенција да претставува егзистенцијална закана.
На почетокот на својот втор мандат Трамп го назначи инвеститорот Дејвид Сакс за советник за вештачка интелигенција и криптовалути – всушност, како „цар за вештачка интелигенција и крипто“. Сакс се повлече од таа улога во март, откако го искористи законски дозволеното време за работа како специјален владин службеник.
Сепак, тој не ја напушти целосно администрацијата на Трамп. Стана копретседавач на Претседателскиот совет на советници за наука и технологија и продолжи да го советува Трамп за политиките поврзани со вештачката интелигенција.
Новата најава на Трамп претставува промена во однос на претходните информации од Белата куќа, според кои немаше планови за назначување наследник на Сакс на позицијата „цар за вештачка интелигенција“.
Во својата најава, Трамп не наведе дека AI Force би имале воен статус, ниту пак даде детали за нивниот состав, структура или надлежности.
(Byka.com)
(фото: DigiWatch)

























