Експертите сметаат дека биолошките почетоци на Алцхајмеровата болест може да се манифестираат многу пред да се појават симптоми како што е губењето на меморијата – во некои случаи можеби дури и со децении порано.
Затоа, истражувачите трагаат по потенцијални показатели или биомаркери за оваа скриена активност, кои би послужиле како знаци за рано предупредување. Тоа би овозможило порано започнување со третман и поддршка, а истовремено, би ни дало повеќе можности да го проучуваме начинот на кој болеста се развива со текот на времето.
Во нова студија објавена во списанието Alzheimer’s & Dementia: Diagnosis, Assessment & Disease Monitoring, истражувачи од Медицинскиот факултет Милер при Универзитетот во Мајами анализираа четири различни биомаркери и нивната поврзаност со когнитивното опаѓање.
Во студијата учествуваа 1.170 испитаници со просечна возраст од 73 години, кои беа подложени на когнитивни тестови во 2016 година и повторно во 2022 година. Тестовите на крвта беа спроведени само еднаш во 2016 година.
Податоците открија неколку интересни поврзаности; најзначајна е онаа дека повисоките нивоа на протеинот p-tau181 (поврзан со Алцхајмеровата болест) во крвта се поврзани со послаба меморија и когнитивни способности во фазата на контролното испитување.
„Протеинот p-tau181 не беше поврзан со меморијата при првичната проценка, но покажа поврзаност со мемориските способности шест години подоцна. Тоа укажува дека овие крвни маркери може да дадат информации за идната когнитивна ранливост, кои не се очигледни врз основа на когнитивните способности измерени во истиот временски период.“ вели когнитивниот невролог Деидре О’Ши.
Абнормалното наталожување на протеинот p-tau е карактеристично за мозокот кај лицата со Алцхајмерова болест, а претходните студии сугерираат дека и слични протеини во крвта – како што е p-tau181 – може да бидат поврзани со оваа состојба.
Истражувачите исто така ги испитуваа биомаркерите Aβ42/40 (поврзан со плаките од амилоид-бета протеин, уште еден препознатлив знак за Алцхајмеровата болест), GFAP (маркер за потпорните мозочни клетки наречени астроцити) и NfL (кој се ослободува во крвта кога се оштетени нервните влакна).
Што се однесува до когнитивните способности, тестовите опфаќаа проценка на меморијата, извршните функции, јазичните способности и визуелно-просторните вештини.
При првичните проценки токму NfL и GFAP покажаа најсилна поврзаност со когнитивните способности, вклучувајќи ги меморијата и капацитетот за извршни функции. До 2022 година, ситуацијата се промени: p-tau181 беше поврзан со послаби резултати во тестовите за меморија и општа когнитивна функција, додека GFAP беше поврзан со послаба меморија, послаби извршни функции и послаби когнитивни способности воопшто.
Иако повеќето учесници немаа когнитивни проблеми на почетокот на студијата, кај некои веќе беше дијагностицирано благо когнитивно оштетување или деменција. Главните резултати останаа валидни и откако истражувачите ги анализираа учесниците со нормални когнитивни функции како посебна група.
„За биомаркерите во крвта често се зборува како за позитивни или негативни тестови, но биологијата функционира на континуум. Со испитување на нивоата на биомаркери во целиот нивен опсег и со одделно разгледување на меморијата, извршните функции и другите когнитивни способности, можевме да забележиме обрасци што би се изгубиле доколку биомаркерот или когнитивната функција се сведат на една единствена категорија.“ вели О’Ши.
Наодите сугерираат дека комбиниран тест за биомаркери, кој ги следи p-tau181 и GFAP, би можел да помогне во идентификувањето на луѓе со поголем ризик од развој на когнитивни проблеми во текот на следните неколку години – иако истражувачите нагласуваат дека тестот не би предвидел појава на деменција.
Како заклучок, тимот што ја спроведе студијата сугерира дека можеби не постои еден „најдобар“ тест на крвта за рано откривање на Алцхајмеровата болест, туку дека можат да се користат различни тестови за идентификување на различни биомаркери во различни возрасни периоди.
Понатамошните истражувања би можеле да вклучуваат поконтинуирано следење на учесниците со текот на времето (со паралелно спроведување на тестови на крвта и когнитивни тестови), како и споредување на биомаркерите p-tau181 и GFAP со потврдени случаи на Алцхајмерова болест и други видови деменција.
Оваа студија конкретно се фокусира на когнитивното опаѓање и проблемите со меморијата поврзани со деменцијата, а не на самата деменција; сепак, колку повеќе вакви рани предупредувачки знаци ќе соберат истражувачите, толку попрецизни ќе стануваат тестовите.
„Заедно, овие наоди укажуваат на тоа дека когнитивниот исход, аналитичкиот контекст и параметризацијата на биомаркерите треба да се разгледуваат заеднички при проценката на прогностичките поврзаности на биомаркерите во крвта“, пишуваат истражувачите во својот објавен труд.
Истражувањето е објавено во списанието Alzheimer’s & Dementia: Diagnosis, Assessment & Disease Monitoring.
(Science Alert)
(фото: )


























