Апликациите со чет-ботови базирани на вештачка интелигенција собираат во просек 13 од 35-те анализирани видови податоци, но разликите меѓу нив се големи, според најновата анализа на Surfshark. На врвот е Meta AI со 33 категории на собрани податоци, односно речиси 95% од анализираните категории. На другиот крај е Pi, кој собира само три вида податоци – кориснички идентификатор, интеракции со производот и податоци за паѓање (дефекти) на апликацијата.
Кога станува збор за податоци што не се поврзани со идентитетот на корисникот, се издвојува Duck.ai. Тој четбот собира шест вида податоци, главно поврзани со дијагностика и користење, но ниту еден од нив не е поврзан со самиот корисник.
Microsoft Copilot е единствената од анализираните апликации што го спомнува собирањето податоци за следење на корисникот. Според дефиницијата на Apple, тоа подразбира поврзување на податоци за корисникот или уредот со податоци од трети страни, на пример за таргетирано рекламирање или споделување со маркетинг-компании што тргуваат со податоци.
Разликата помеѓу четботовите и агентите со вештачка интелигенција може дополнително да го усложни прашањето за приватноста. Агентите со вештачка интелигенција имаат потреба од пристап до други апликации и услуги, како што се календари, имејл или финансиски алатки, за да извршуваат задачи во име на корисникот.
Пример за тоа е Muse на Meta, кој според анализата собира 31 од 35-те видови податоци и е веднаш зад Meta AI. Meta, исто така, стандардно ги користи интеракциите со Muse за обука на моделите со вештачка интелигенција, при што постои можност таа опција да се исклучи во поставките на апликацијата.
Зголемување на бројот на категории на податоци е забележано и кај некои други големи сервиси со вештачка интелигенција. Google Gemini сега собира 24 вида податоци, еден повеќе отколку во претходната анализа, а новата категорија се аудио-податоците. Gemini собира, меѓу другото, информации за контакт, корисничка содржина, историја на пребарување и прелистување, како и прецизна локација.
Податоци за прецизна локација, според анализата, собираат Gemini, Meta AI, Muse и Perplexity, додека Microsoft Copilot собира податоци за приближна локација. Gemini, Meta AI и Muse исто така собираат категории на чувствителни податоци, вклучувајќи податоци за расно или етничко потекло, сексуална ориентација, бременост или породување, попреченост, верски или филозофски убедувања, членство во синдикат, политички ставови, како и генетски и биометриски податоци.
ChatGPT собира 17 од 35-те анализирани видови податоци, што е за седум повеќе во споредба со претходната анализа. Меѓу новите категории се приближната локација, податоците за здравје и физичка подготвеност, историјата на пребарување, аудио-податоците, како и податоците поврзани со рекламирање и корисничка поддршка.
DeepSeek исто така го зголеми бројот на категории на податоци, од 13 на 14, со додавање на аудио-податоци. Според развивачите, аудио-податоците се користат за функционални цели, како што се автентикација, овозможување функции, безбедност, одржување на достапноста на серверот, намалување на падовите на апликацијата и корисничка поддршка. Сепак, Google Gemini, Meta AI и Muse може да ги користат аудио-податоците и за други цели, вклучувајќи персонализација на производите и аналитика.
(Bug.hr)
(фото: Pexels/Julio Lopez)




























