На 2 октомври, во рамките на Startup Revolution AI Summit, Македонската филхармонија за неколку часа се претвори во терен за еден поинаков стартап предизвик.
Во рамките на The Founder Games Live Challenge, стартапите не презентираа класични pitch deck-ови. Наместо тоа, добија задача во живо да покажат колку добро умеат да привлечат внимание, да ја објаснат вредноста на својот производ и да предизвикаат конкретна реакција кај публиката.
Предизвикот беше Guerrilla Marketing – формат во кој креативноста, брзината, комуникацијата и способноста една идеја да се претвори во нешто што луѓето ќе го забележат беа ставени на вистински тест.
Најголем број гласови од присутните новинари и инфлуенсери освои македонскиот стартап ding.mk.
Ding.mk развива паметни решенија за мониторинг и автоматизација кои им овозможуваат на компаниите во реално време да следат критични параметри во нивните процеси, да препознаваат аномалии и да носат подобри одлуки врз основа на податоци. Нивните решенија се применливи во индустријата, земјоделството, енергетската ефикасност и паметните објекти.
Но, на Live Challenge-от задачата не беше само добро да го објаснат производот.
Тимот на ding.mk успеа да привлече големо внимание со својата guerrilla marketing активација во холот на Македонската филхармонија, предизвикувајќи љубопитност и директна интеракција со посетителите на Startup Revolution AI Summit. Нивниот пристап ги натера присутните да застанат, да прашаат што се случува и да сакаат да дознаат повеќе за решението зад самата активација.
Токму таа способност да се привлече вниманието, а потоа да се претвори во разговор за производот, им донесе најголем број гласови од новинарите и инфлуенсерите присутни на предизвикот.
Во Live Challenge-от активно учествуваа и медиумските партнери Маркетинг365, ЦрноБело, Иновативност, Конект.мк и IT.mk, како и инфлуенсерите и креаторите Анекта, односно новинарката Теодора Цветковска, Александар Динев, Нина Ред и Христина Пан.
Нивната улога не беше само да го следат настанот од страна. Стартапите имаа задача да го освојат токму нивното внимание и да создадат доволно интерес нивниот производ, идеја или активација да стане нешто за кое вреди да се зборува, пишува или објави.
Покрај ding.mk, како lead startups во предизвикот учествуваа и Teacher Aid, Biixees и Paystorm, поддржани од останатите стартап учесници поделени во тимови.


Иако ding.mk на крајот освои најголем број гласови, сите стартапи пристапија исклучително професионално кон задачата. За краток временски период тие осмислија и реализираа свои guerrilla marketing концепти, комуницираа директно со посетителите и покажаа како изгледа еден стартап кога ќе биде изваден од презентациска сала и ставен пред реална публика.
Токму тоа е и суштината на The Founder Games – основачите да не бидат тестирани само според тоа колку добро умеат да зборуваат за својот бизнис, туку и според тоа како размислуваат, реагираат и реализираат кога ќе се најдат во реална и непредвидлива ситуација.
Live Challenge-от беше дел од програмата на Startup Revolution AI Summit, кој од 1 до 4 октомври во Скопје собра стартапи, инвеститори, претприемачи, компании, медиуми и претставници од регионалниот иновациски екосистем.
За ding.mk, ова е уште едно признание во 2026 година. Стартапот претходно го освои и првото место на Green Tech Pelagonia Startup Program, каде беше избран како победник меѓу десет финалисти. А за публиката во Македонската филхармонија, The Founder Games Live Challenge понуди мала верзија од она што е во сржта на форматот:моментот кога pitch-от завршува, а идејата мора да почне да функционира во реалниот свет.
Погледнете како изгледаше The Founder Games Live Challenge во живо → https://www.instagram.com/p/DeG8LoYNsBT/






























