Aegean Airlines, Ryanair и Austrian Airlines ги зазедоа првите три места според новиот индекс за безбедност, кој опфаќа 20 големи европски авиокомпании. Студијата на AirAdvisor анализираше податоци од изминатите 10 години, оценувајќи ги компаниите врз основа на нивната историја на безбедност, сертификати и ревизии, оперативна безбедност, старост на флотата, обука на пилоти и финансиска стабилност.
Во овој нов европски индекс за безбедност на авиокомпаниите AirAdvisor рангираше 20 водечки европски превозници врз основа на податоци собрани во текот на една деценија. Грчкиот национален авиопревозник Aegean Airlines, ирскиот Ryanair и австрискиот Austrian Airlines ги зазедоа првите три позиции на новата ранг-листа за безбедност, која вклучува податоци од последните десет години.
„Европскиот индекс за безбедност на авиокомпаниите за 2026 година“, објавен од AirAdvisor, опфаќа 10 најголеми нискобуџетни авиокомпании и 10 најголеми авиокомпании со целосна услуга (традиционални авиокомпании) кои оперираат во Европа. Изборот се заснова на обемот на сообраќајот во текот на 2025 година, според податоците од EUROCONTROL.
Секоја авиокомпанија беше оценета со најмногу 100 поени во шест категории, со различна тежина:
-40 проценти: историја на безбедност, заснована на несреќи наведени во извештајот за безбедност на IATA за периодот од 2016 до 2025 година;
-20 проценти: сертификација и ревизии, вклучувајќи ја историјата на ревизии и податоци од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) во врска со ефективноста на националниот систем за надзор на безбедноста;
-15 проценти: системи за оперативна безбедност;
-10 проценти: старост на флотата и технички карактеристики на авионите;
-10 проценти: обука на пилоти;
-5 проценти: финансиска стабилност.
Од AirAdvisor наведуваат дека оценките за оперативната безбедност, флотата, обуката и финансиската стабилност се засноваат на јавно достапни регулаторни податоци и податоци од самите компании.
Истовремено, се нагласува дека индексот е од компаративна природа и не треба да се толкува како показател дека која било конкретна авиокомпанија е безбедна или небезбедна.
Во конечниот пласман Aegean Airlines освои 89 од 100 поени, при што во текот на десетгодишниот период немало никакви сериозни несреќи. По неа следуваат Ryanair со 86 поени и Austrian Airlines со 85,5 поени. Aegean доби максимални 40 од 40 поени за безбедносните резултати, а исто така постигна високи оценки во категориите: оперативна безбедност (13 од 15), флота (9 од 10) и финансиска стабилност (5 од 5).
Сепак, според AirAdvisor, ниту совршениот резултат во однос на безбедноста не беше доволен за да се стигне до самиот врв. British Airways, SAS и Eurowings исто така добија 40 од 40 поени во оваа категорија, но не влегоа во првите пет, бидејќи индексот оценува шест различни фактори истовремено, се наведува во извештајот.
Три од првите пет авиокомпании на десетгодишниот индекс за безбедност се нискобуџетни превозници: Ryanair е на второто место, Norwegian на четвртото, а SunExpress на петтото. Во рамките на целото истражување нискобуџетните авиокомпании постигнаа просечен резултат од 79,2 поени, додека традиционалните авиокомпании имаа просек од 82,8 поени – што претставува разлика од 3,6 поени.
„Многу патници претпоставуваат дека поевтиниот билет значи и прифаќање на поголем безбедносен ризик, но податоците не го потврдуваат тоа. Нискобуџетните и традиционалните авиокомпании имаат многу слични показатели во однос на несреќите, а нивните системи за управување со безбедноста добија исти просечни оценки. Со други зборови, цената на билетот кажува многу малку за тоа колку е безбедна една авиокомпанија“, изјави за Euronews Travel Антон Радченко, извршен директор на AirAdvisor.
Нискобуџетните превозници остварија подобри резултати од традиционалните авиокомпании во однос на староста на флотата и техничкиот профил. Во оваа категорија тие добија просечно 7,8 од 10 поени, во споредба со 7,1 поени кај традиционалните авиокомпании. Нискобуџетните авиокомпании генерално имаат понови флоти, при што Wizz Air и Pegasus добија максимална оценка од 10 од 10 во оваа категорија.
„Поновата флота може да понуди технолошки предности и поголема ефикасност, но староста на авионот никогаш не треба да се разгледува како изолиран показател за безбедноста. Еден постар авион, доколку е соодветно одржуван, може да остане безбеден за експлоатација со децении“, наведе Радченко во извештајот.
Меѓу 20-те големи европски авиокомпании што беа оценети – со максимален можен број од 100 поени – рангирањето е следново:
1.Aegean Airlines – 89/100
2.Ryanair – 86/100
3.Austrian Airlines – 85,5/100
4.Norwegian – 85/100
5.SunExpress – 84,5/100
6.Air France – 83,5/100
7.British Airways – 83,5/100
8.Iberia – 83,5/100
9.Turkish Airlines – 83/10000
10.Луфтханза – 83/100
11.KLM – 82,5/100
12.easyJet – 82/100
13.Eurowings – 81,5/100
14.САС – 81,5/100
15.Wizz Air – 79,5/100
16.Transavia – 79/100
17.Wueling – 77/100
18.Jet2 – 73/100
19.SWISS – 72,5/100
20.PEgasus Airlines – 64,5/100
(Euronews)
(фото: Unsplash/John McArthur)





























