Нови докази за истекување на гасови од вулкански пукнатини сугерираат дека Марс длабоко во својата внатрешност не е геолошки мртов, туку само неактивен (во состојба на мирување). Новите пукнатини во регионот Алба Монс (Alba Mons) укажуваат на постоење активни зони под површината, преку кои гасовите од внатрешноста на планетата можат да пробијат до површината.
Меѓународен истражувачки тим, предводен од Александар Трохимовски, сугерира дека ослободувањето на водород хлорид потекнува од жешка магма под површината, што претставува знак за вулканска активност во состојба на мирување.
Леталото ExoMars Trace Gas Orbiter – TGO прв пат го регистрираше присуството на гасот водород хлорид во атмосферата на Марс во 2021 година. На , овој гас обично се ослободува преку магматски отвори, што ги наведе истражувачите да се запрашаат дали истиот процес се одвива и на Марс.
„Нашите наоди сугерираат дека, сè до неодамна, Марс поседувал доволно внатрешна топлина за одржување на вулканска активност – а можно е и сè уште да задржал одреден дел од неа“, вели Даниел Меж, професор во Центарот за вселенски истражувања при Полската академија на науките.
Било почеток на летото на северната хемисфера на Марс кога истражувачкиот тим забележал нагло зголемување на концентрацијата на водород хлорид на места каде што тој не би требало да биде присутен – и тоа во необичен период од годината.
Нивото на овој гас на Марс варира сезонски; тоа достигнува врв во текот на зимата на северната хемисфера, а потоа речиси целосно исчезнува во текот на летото. Се чини дека најголемиот дел од овие промени се поврзани со циклусите на прав и вода на Марс. Сепак, постоел еден исклучок од овој образец – појава што секогаш се случувала во истото годишно време и на истото место: над вулканските пукнатини на падините на вулканот Алба Монс, на почетокот на летото.
На Марс се наоѓаат најголемите вулкани во Сончевиот систем, иако степенот на нивната активност останува непознат. Снимките од орбитата укажуваат на тоа дека некои вулкани биле активни во текот на последните неколку милиони години, а сеизмометрите регистрирале и потреси на Марс. Двата наода укажуваат на можноста Марс да е вулкански активен; сепак, досега не се забележани нови текови на лава ниту вулкански ерупции.
Ова откритие е резултат на комбинирана атмосферска и геолошка анализа. Најпрво бил детектиран водород хлорид, кој бил строго локализиран во одредена област и се појавил кратко по сублимацијата на зимските мразови. Понатаму, подеталното испитување на регионот Алба Монс – со користење на камерата CaSSIS на леталото TGO (Trace Gas Orbiter) – откри свежи, тесни пукнатини, од кои некои се протегаат стотици метри, а се поврзани со варијации во бојата на површината.
Научниците претпоставуваат дека низ овие пукнатини можеби излегуваат магматски гасови, слично на фумаролите (отвори за вулкански гасови) на Земјата. Бидејќи се блокирани од мраз во текот на зимата – кога температурите паѓаат и до -120°C – овие пукнатини овозможуваат ослободување на хлориди во моментот кога мразот сублимира на почетокот на летото.
Магматските гасови, како што е водород хлоридот, можеби биле позастапени во минатото, придонесувајќи за погуста атмосфера и потопла клима, што овозможило течна вода да покрие поголем дел од површината на Марс. Доколку лавата што се издига низ кората наиде на подземни води, би можеле да се создадат топли, погодни средини за живот.
„Барањето живот на Марс во пукнатините во регионот Алба Монс би имало голема смисла. Ако постојат активни хидротермални системи, тие би можеле да ги содржат состојките и енергијата неопходни за развој на микроорганизми, истовремено штитејќи ги од непријателската и постојано променлива средина над површината“, вели Даниел Меж.
(Vidi.hr)
(фото: Pexels/Diego Giron)





























