Основачот и директор на компанијата SpaceX, Илон Маск, денес ги откри своите планови за патување на Месечината и на Марс со нови ракетни системи. Меѓутоа, ги изненади сите присутни на конференцијата кога рече дека истите системи ќе се користат за патувања на Земјата.
Маск на конференцијата прикажа видео на кое демонстрираше како патниците со брзи ракети би можеле да стигнуваат брзо на оддалечени дестинации на Земјата. Според него, за најдолгите патувања кои може да траат со саати или со денови со други превозни средства со ракетите на патниците би им требало само половина час. Притоа, цената на летањето со ракети би била иста како за економичните летови со авион.
Идната мегаракета основачот на SpaceX ја нарече Big Fucking Rocket или скратено BFR. Планирано е BFR да има свои станици во сите големи градови во светот. Оваа ракета или масивен вселенски брод би се движел околу Земјината орбита и би се спуштал на лебдечки станици во поголемите градови.
Како што е прикажано во видеото, SpaceX патниците би ги превезувал со брод до лебдечките станици, а потоа преку тунели би се качувале во ракетата. Меѓутоа, наместо ракетата да оди на друга планета таа ќе се дигне над Земјината атмосфера, по што бродот со патниците би се издвоил од неа и би тргнал кон друг град.
Според проценките на Маск, патниците со ракети би стигнувале од Хонгконг со Сингапур за само 22 минути, од Лондон до Дубаи или Њујорк за само 29 минути или од Лос Анџелес до Торонто за 24 минути. По прилично деталната презентација на неговата идеја, Маск не отрки кога планира да ги развива новите превозни средства на Земјата, но јасно е дека продолжува со унапредување на ракетните системи на SpaceX.
(Klix.ba)