- Advertisement -
Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип во соработка со локалната самоуправа на градот ќе постави мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот
Граѓаните на Штип преку софтверско решение ќе може во секој момент на Интернет да ги имаат актуелните вредности на квалитетот на воздухот споредени со законски дозволените граници на загаденост, известуваат од универзитетскиот портал Life UGD.
Проректорот за развој на универзитетот, проф. д – р Дејан Мираковски изјави дека инструментите кои ќе го регистрираат квалитетот на воздухот се целосно произведени во Македонија и ќе овозможат економично и ефикасно мерење. Податоците ќе се мерат во реално време и ќе се складираат во дата база до која ќе може да пристапи секој преку софтверското решение.
Инструментот користи напредни сензори и има вградено соодветен компјутер за поддршка на прибирање на податоци кои се трансферираат до наш сервер. Истиот содржи и метеоролошки сензори, бидејќи на квалитетот на воздухот влијаат и метеоролошките услови.
Мерната станица е изработена во Лабораторијата АМБИКОМ на УГД и во моментот на располагање се три такви инструменти, од кои еден ќе биде поставен во Штип, а другите два во други градови во кои УГД има свои објекти или пак градови во кои ќе биде пројавен интерес за поставување на станиците.
- Advertisement -