Европската комисија му ја додели наградата European Capital of Innovation од 1 милион евра на Париз
Париз беше во трка за Престолнина на иновациите за 2017 година со вкупно 32 други градови. Наградниот фонд од 1 милион евра е издвоен од програмата Хоризонт 2020 за истражување и иновации, стои во соопштението од Европската комисија.
После Париз, пласирани се Тел Авив и Талин, кои добиваат по 100.000 евра. Паричната награда треба да се искористи за зголемување и понатамошно проширување на иновативните напори на градовите.
Карлос Модас, комесар за истражување, наука и иновации, ги презентираше резултатите на веб-самитот во Лисабон, каде што изјави: „Градовите не се дефинирани според нивната големина и население, туку според широчината на нивната визија и моќта што им ја даваат на своите граѓани. Некои градови не се плашат да експериментираат, не се плашат да ги инволвираат своите граѓани во развојот и тестирањето нови идеи. Тоа се градовите што ги зајакнуваат своите граѓани. Денес сме тука да ги промовираме овие градови“.
Во текот на последната деценија, Париз има изградено повеќе од 100 000 квадратни метри инкубатори и е домаќин на најголемиот светски стартап кампус. Покрај тоа, градот троши 5% од својот буџет за проекти предложени и спроведени од страна на граѓаните. Благодарение на оваа стратегија, граѓаните и иноваторите од приватниот, непрофитниот и академскиот сектор го направија Париз вистински центар на иновации.
Талин е награден за својата иницијатива да дејствува како терен за тестирање на најнови технологии. Општината поттикнуваше користење на автономни автомобили, роботи за достава и споделување на возења. Талин, исто така, спроведе иновативен систем за е-престој кој им овозможува на локалните граѓани и бизниси тесно да соработуваат со странските претприемачи.
Тел Авив постави Smart City урбана лабораторија која ги поврзува иновативните нови компании со водечки технолошки компании со цел да ги олесни истражувањата и иновациите за решавање на урбаните предизвици. Образованието е меѓу приоритетите на Тел Авив, а дел од наградата ќе биде посветена на зајакнување на Иницијативата за паметно образование, развиена од општината во соработка со наставниците, родителите, учениците и локалните новинари.
Натпреварот за европска престолнина за иновации за 2017 година започна во март 2017 година за градови со над 100.000 жители од земјите-членки на ЕУ и земји поврзани со Хоризонт 2020 програмта. 32 града од седумнаесет земји се пријавија на овогодинешниот натпревар. Победникот и двата финалиста беа избрани од десет финалисти врз основа на новите иницијативи кои започнаа од 1 јануари 2016 година. Победниците беа избрани од панел на независни експерти од универзитетите и бизнис секторот. Експертите беа избрани од експертската база на податоци Хоризонт 2020.
Наградата за првпат беше доделена во 2014 година и се доделува во рамките на Хоризонт 2020, најголемата рамковна програма на ЕУ за истражување и иновации со буџет од 77 милијарди евра во текот на седум години (2014-2020). Натпреварот за европската престолнина на иновации за 2018 година треба да започне во првиот квартал од 2018 година.