Фондот за иновации и МОН денес го презентираа Предизвикот за млади истражувачи

- Advertisement -

Министерката за образование и наука д-р Рената Дескоска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, денес на прес конференција го презентираа Јавниот повик за финансирање на научно-истражувачки проекти во основните и средните училишта „Предизвик за млади истражувачи“, со вкупен фонд од 1,5 милиони денари

„Поддршката и развојот на креативниот и иновативен потенцијал кај поединецот е суштинска основа за градење на општество базирано на знаење, претприемништво и иновации и за создавање на стабилен и конкурентен економски систем. Tоа e една од приоритетните и стратешки определби на Владата на Република Македонија, a Министерството за образование преку Фондот за иновации и технолошки развој денес отвара нов повик `Предизвик за млади истражувачи`, преку кој со вкупен буџет од 1,5 милиони денари ќе се финансираат научно истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки.“, изјави министерката Дескоска.

Министерката најави дека ќе следуваат и парични награди во износ од 30 000 денари и за наставниците кои ќе ја предводат реализацијата на првонаградените тимови, односно проекти во своите категории.

- Advertisement -

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски изјави: „Започнуваме иницијатива, проект кој води кон менување на општествената свест. Со Предизвикот за млади истражувачи, сакаме да го поттикнеме критичкото и креативното размислување кај младите, да ја негуваме нивната љубопитност за осознавање на светот, на начин на кој ќе ги преиспитува однапред дефинираните вистини, тоа е целта на повикот.“ 

Согласно Јавниот повик, научно-истражувачките проекти треба да бидат од областите на природните и техничките науки, а процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а предложените проекти треба да резултираат со видливи резултати и тие треба да се комплементарни на наставните програми и да соодветствуваат со когнитивните способности на возрасната група.

- Advertisement -

За најуспешните истражувачи се предвидени и награди како поттик за понатамошна успешна научна работа. Наградите се поделени во две категории и тоа 1: Научно-истражувачки проекти во основното образование и 2: Научно-истражувачки проекти во средното образование.

Буџетот на поединечен предлог проект не може да надминува 300 000,00 (триста илјади) денари.

- Advertisement -

На Јавниот повик можат да се пријават сите основни и средни училишта од Република Македонија, при што секој натпреварувач треба да се пријави со натпреварувачки тим кој се состои од: еден до два наставника, како лидери на проектот и три до седум ученици. Предност имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите (имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично) и се поднесени од училишта од рурални средини.

Секој предлог-проект ќе биде оценуван од Комисијата за оценување и избор, составена од претставник на Фондот за иновации и технолошки развој, претставник на Министерството за образование и наука, претставник од Бирото за развој на образованието, претставник од партнер организација и до три експерта во областа на техничкото решение (технички науки, природни науки и друго).

Пријавувањето на Предизвикот за млади научници трае до 15.02.2018 година.

За повеќе информации, посетете ја веб страницата на Фондот за иновации.

Сподели!
- Advertisement -