Поминаа 20 години откако Сергеј Брин и Лери Пејџ го регистрираа доменот google.com, а само 10 години откако Стив Џобс зачекори на бината во Сан Франциско и го претстави првиот iPhone. Сепак, во тој краток период дигиталните технолoгии го сменија нашиот свет. Во 2015 година се појави индексот Digital Evolution Index со цел да се следи развојот на дигиталната планета, како физичката интеракција во комуникациите, социјалната и политичката размена, трговијата, медиумите и забавата се заменуваат со дигитални. Досега има повеќе места во светот кои се центри на тие промени и во зависност од тоа каде живееме, со различно темпо се движиме кон таа дигитализација.
Дигиталната технологија ќе ја смени иднината на работата. Автоматизацијата, big data и вештачката интелигенција ќе влијаат на 50% од светската економија. Некои едвај го чекаат тоа време додека други се плашат од промените. Повеќе од 1 милијарда работни места денес може да се автоматизираат. Дигиталните пазари се нееднакво развиени. Политиките, регулативите и економскиот развој играат голема улога во оформувањето на дигиталната технологија и привлечноста на пазарот.
Со најголема популација на интернет корисници од 721 милиони, Кина има паралелен дигитален пазар бидејќи сите најголеми играчи се присутни таму. Индија има 462 милиони интернет корисници и дигитална економија со најголем потенцијал на пазарот за глобалните играчи .Сепак, оперира на повеќе јазици и има повеќе инфраструктурни предизвици. Европската унија има 412 милиони интернет корисници, но пазарот е фрагментиран и се уште е во процес на креирање дигитален единствен пазар. Во многу земји, пак, некои веб страници или дигитални компании се блокирани. Околу 50% од светската популација денес има пристап до Интернет.
Како дел од соработката меѓу Школата Флечер, Универзитетот Туфс и Mastercard изработен е индексот Digital Evolution Index, кој ја анализира состојбата и стапката на развој на дигиталната еволуција во 60 земји. Со мерење на состојбата на дигиталната еволуција во секоја земја направена е следната табела, која е мапа за нашата дигитална планета. Земјите се поделени во четири категории: тие што се истакнуваат; тие што се дигитално развиени, но сега има стагнација; тие што се слабо дигитално развиени, но забрзано работат на дигитализацијата и тие што се слабо дигитализирани, и слабо напредуваат.
Две од најголемите wкономии во светот, САД и Германија, се на границата меѓу земји што се истакнуваат и што забележуваат стагнација. Јапонија, пак, е тука некаде. Обединетото Кралство најмногу е активно на полето на дигитализацијата во споредба со другите земји од ЕУ. Најинтересен регион е Азија, односно Малезија и Кина, како најистакнати претставници, кои се во категоријата земји кои не се толку дигитализирани, но забрзано напредуваат. Во Африка двете најголеми економии, Нигерија и Јужна Африка, се слабо дигитализирани, односно забрзано работат на дигитализацијата. Земјите од Латинска Америка како Колумбија и Боливија можат да научат нешто од помалите земји кои побрзо се развиваат.
Сингапур, Нов Зеланд и Обединетите Арапски Емирати се земји кои се дигитално развиени и забрзано работат на поголема дигитализација. САД, пак, е во опасност да западне во категоријата земји кои стагнираат со развојот.
Во зависност од степенот на дигитализација за земјите има различни двигатели на развојот. Најмалку дигитално развиените земји треба да алоцираат ресурси за обезбедување интернет пристап и мобилни мрежи. Големината на земјата, исто така, е битен фактор. Помалите земји со посилни институции можат да креираат поголема вредност и да послужат како пример доколку изградат правилен екосистем.