Градовите Валета во Малта и Леуварден во Холандија се добитници на престижното признание Европска престолнина на културата за 2018 година. Градовите ќе соработуваат за подигнување на свеста за културата на градовите, нивните традиции и социоекономски прашања.
За оваа намена, Леуварден претстави културна програма за целата година и ќе одржи низа од настани како фестивали, изложби, концерти и перформанси. Официјалното отворање ќе се одржи на 27 и 28 јануари 2018 година, кога ќе започнат и преку педесет проекти и граѓански иницијативи.
Своја културна годишна програма изготви и Валета, која предвидува приближување на културата до граѓаните славејќи го животот на островот Малта. Овде програмата официјално ќе стартува на 14 јануари 2018 година и ќе трае до 20 јануари, кога на градските власти ќе им биде врачено признанието.
Секоја година Европската унија избира неколку градови од различни држави кои треба да бидат домаќини на културни настани цела година. За време на тој период градовите имаат шанса да го промовираат својот културен живот и развој на европската и меѓународната сцена.
Европскиот парламент веќе гласаше и за престолнини на културата за следниtе три години, па така во 2019 година ќе бидат Матера (Италија) и Пловдив (Бугарија), Риека (Хрватска) и Галвеј (Ирска) ќе бидат во 2020 година, а во 2021 година Тимисоара (Романија), Елефсина (Грција) и Нови Сад (Србија) ќе го носат признанието Европска престолнина на културата.