Асоцијацијата на менаџери на Македонија ги додели наградите за најдобри менаџери во годината што изминува.
За најдобра менаџерка е прогласена Анита Спасовска од компанијата „Бучен Козјак“, а наградата за најдобар менаџер ја доби Игор Крпачовски од „АрцелорМиттал“.
„Неопходно е и понатаму да се бориме и коренито да ги менуваме работите во полза на заедницата. Да бидеме сила која што се фундира на врвна експертиза и професионализам. Да чекориме по пат на кој запирање нема да има. Затоа што ние ја гледаме Македонија како земја на професионални менаџери, но не само во реалниот сектор, туку и во јавните претпријатија и во сите државни институции“ истакна претседателката на Асоцијацијата на менаџери на Македонија, Маја Ристова.
Покрај наградите за најдобри менаџери, на свеченоста беа доделени и благодарници и признанија. Свеченоста се одржа во Скопје Мериот Хотел каде присуствуваа околу 150 претставници од бизнис, политичката, културната и медиумската заедница на Македонија, како и видни гости од асоцијациите на менаџери од регионот.
Асоцијацијата на менаџери на Македонија е независна деловна организација, основана во декември 2015 година, чија цел е деловно вмрежување, едуцирање, промовирање и застапување на интересите на членовите-менаџери. Целта на асоцијацијата е да стави посебен акцент за создавање обединета, координирана и организирана деловна мрежа на менаџерски организации од земјите во регионот, преку промоција и развој на лидерски и менаџерски вештини и знаења, како и на континуирано вложување во човечки ресурси кои претставуваат основна претпоставка за натамошен општествен и економски препород на регионот.