Американска компанија за производство на делови за паметни телефони работи на првиот екран за телефон во светот направен од дијаманти, пишува DailyMail. Од Akhan Semiconductor, која соработува со компанија за производство на телефони за тестирање на стаклото, велат дека технологијата ќе се најде на пазарот во 2019 година.
Akhan Semiconductor не открива со кој производител на паметни телефони соработува, но додаваат дека соработуваат и со компанија за заштита на екрани и во иднина технологијата може да почнат да ја применуваат и на други уреди, како, на пример, фитнес гаџети.
Екранот направен од стакло од дијаманти на Akhan се вика Miraj Diamond Glass и користи таканаречена шема за нанокристали за да се постават дизјамантите во неправилен редослед и да се намали веројатноста за кршење. Исто така, тоа ќе го спречи оштетувањето на деловите под екранот како што се ЛЕД панелите или сензорите.
Akhan „одгледува“ нанокристали од дијаманти во сопствена лабораторија и е специјализирана компанија за уреди и материјали направени од дијаманти. Компанијата за паметни телефони со којашто соработуваат од Akhan моментално го подложуваат стаклото на стрес-тестови за да ја проверат цврстината. Исто така, тестираат како реагира стаклото на допир, особено затоа што ќе може да се комбинира со други материјали како Gorilla Glass. Сепак, од Akhan велат дека треба да решат некои проблеми пред да го пуштат стаклото од дијаманти во продажба.
Екраните направени од стакло од дијаманти можат да предизвикаат револуција кај технологијата за екрани на телефони, но сигурно нема да имаат прифатлива цена за сите. Најверојатно во наредните неколку години таквите стакла ќе бидат резервирани за поскапите модели на телефони. Сегашните стакла за паметни телефони главно се направени од алуминиум, силикон и кислород.