Компанијата SpaceX на Илон Маск, од космичкиот центар „Кенеди“ ја лансираше супер тешката ракета-носaч Falcon Heavy. Falcon Heavy е досега најголемата конструирана ракета со најмалку двапати поголема носивост од другите слични ракети.
Лансирањата на претходните ракети Falcon не беа секогаш успешни и вистински товар овојпат нема да има. Наместо тоа Маск во Вселената ја испрати својот стар Tesla Roadster автомобил чиј музички систем постојано го репродуцира хитот на Дејвид Боуви, Space Oddity.
„Автомобилот ќе се оддалечи од Земјата на околу 400 милиони километри и ќе лета со брзина од 11 километри во секунда.“, изјави Маск претходно. Тој додаде дека според оценките, возилото ќе се наоѓа на таа орбита „неколку милиони години или можеби и повеќе од една милијарда години“. На автомобилот на Маск се инсталирани три камери кои ќе праќаат, како што најави, „епски“ снимки.
Специфичноста на ракетата е во тоа што ракетата може да се користи повеќе пати, што претставува основа за намалување на цената на вселенските патувања. Falcon Heavy се состои од три јадра како она на Falcon 9, што на ракетата ѝ дава дополнителна јачина, а ќе може да понесе и до 63 тони товар.
Ракетата е составена од 27 мотори кои се способни да создаваат сила од 23.000 килоњутни. Како таква, оваа модификација од три ракети е навистина комплексна и шансите за неуспешно лансирање не се мали. Советските инжинери, на пример, се обидуваа четири пати да лансираат ракета со пет нивоа и 30 мороти, но ниту една не успеа да стигне до орбитата.
Кратко после лансирањето, двете странични јадра на ракетата се вратија на Земјата и успешно слетаа синхронизирано. Наскоро, ќе можат повторно да се употребат за идни летови.
Погледнете го видеото од лансирањето на Falcon Heavy.