12.8 C
Skopje
сабота, ноември 27, 2021

Теона Манго: Целта на мојот блог Teona’s wanderlust e да инспирира и поттикнува на убаво!

Cementarnica USJE, mobile 19.11.2021

Теона Манго е студентка по политички науки и дипломатија на Квин Мери универзитетот во Лондон. Освен што е одлична студентка, таа е и позната блогерка, која преку својот блог „Teona’s wanderlust“ на својствен креативен начин пишува за се ова што ги интересира младите , од мода до забава, но е и голем промотор на убавините на Македонија. Неодамна таа доби престижна награда за блогерство што е повод за Иновативност да поразговара со неа

(Разговараше- Верица Јорданова)

  • Теона за каква награда станува збор?

‘Excellence Award’ е награда од Британскиот магазин LUX, кој секоја година доделува награди на блогери од различни земји од светот интересни по начинот на кој пишувајќи на своите блогови имаат влијание врз публиката која ги чита. Чест! Така би го дефинирала чувството кое го имав кога ме известија за наградата, и сметам дека ова е чест за мене, но е дефинитивно награда за мојата земја, зошто моето име и мојот блог се поврзуваат токму со неа. Ова ми е втора награда откако го стартував блогот и значи како маркер на успешноста во секој поглед. Мојата желба за креативно пишување и приказ на мојот свет низ фотографии продолжува уште поинтензивно по оваа награда, зошто тоа е потврда дека она што мене ме инспирира и воодушевува во животот читателите го сакаат.

  • Блогерството е се популарн аформа на изразување на одреден став, особено популарно кај младата популација. Што за тебе е блогерството?

Постојат неколку нешта кои ме фасцинираа во изминатите години пред да дојдам воопшто до идеја да блогирам.

Првата работа  беше онаа промена која во последните 5 години на интензивно интернет вмрежување преку социјалните мрежи стана најочигледна. Од срамежливи, па и параноични ликови сокриени позади псевдоним на четови и форуми, кои фотографии испраќаа скоро па исклучително по мејл едни на други, да дојдеме до тоа да се претставуваме со цело име и презимe, да споделуваме фотографии кои ги гледаат многумина, доброволно да се чекираме на секоја локација на која сме. Твитерот е посебен сегмент кој за претходно кажаното не одговара, но затоа пак неговата мисија е поинаква за корисниците и посебно ја почитувам. Денес е реткост да познавате човек кој има пристап на интерент,  а не користи ниту една социјална мрежа под своето вистинско име. Луѓето добија свет на дланка, буквално секакви информации и податоци кои постојат, сите научни трудови, книги, филмови, серии, сите уметнички дела ….. и во тоа електронско бескрајно богатсво, луѓето сеуште се занимаваат со потполно неважни работи, во расправи без почеток и крај за нации, религии, со воодушевување ги голтаат жолтите вести за славните и во тек се со брачната состојба на познатите. Можеби од моето непомирување со тоа започна идејата за сопствен блог, со цел да инспирирам барем меѓу “своите”.

  • Од каде се роди идејата , желбата за ваков тип на комуникација со јавноста?

Основниот мотив е што навистина сакам се она за што пишувам. Размислував како времето кое го трошам на нет да го опредметам во нешто свое лично, како дневник, како бележник на своите интереси, а со доза на задоволство да го споделам со другите, бидејќи сметам дека така се учи, набљудувајќи примери, на добра (но и лоша) пракса на блогирање во нашиот близок регион, иснпирирајќи да го правам тоа најдобро што умеам.

На почеток не ни имав визија дека вака брзо ќе го развивам. Денес, во време кога има “море” од блогови. Луѓето пишуваат за се и сешто. Некои на блоговите го исфрлуваат она што ги мачи. Но, јас одлучив дека мојот блог во тие 5-10 минути во кој оној што чита е со Вас, треба да добие некои инспирации и лични вибрации на убаво.

[quote bgcolor=”#7f7f7f”]Секој што го чита мојот блог сакам да добие некои инспирации и лични вибрации на убаво[/quote]

  • Блогерството, растечко влијание на тн инфлуенсери се нов тренд во начинот на јавно комуницирање. Како ќе се развива овој тренд во иднина, според тебе?

Ова е време на нови медиуми, но исто така тврдаме дека конвенционалните медиуми нема да згаснат. Како што појавата на ТВ не го уби радиото, а ни таа ни радиото не ги убија печатени медиуми, така и “интеренетот”, а во него блогирањето нема да ги погребе сите, но има страшен потенцијал. Не престанавме да гледаме ТВ, само што сега имаме ТВ картички на своите компјутери или ја превземаме ТВ содржината  која се емитува на ТВ, во време кога нам ни одговара, зошто и самите ТВ се на нет. И понатаму слушаме радио, но најчесто преку паметните телефони, бираме станици според жанрот на музиката, или песна која моментално се емитува, а не според тоа дали сигналот е доволно добар. Единствено печатот го сметам за загрозен, зошто се појавија дигитални книги и дигитални магазини, што ни овозможува на летување да ги понесеме со себе сите книги на светот и да избираме на плажа што ни се чита во тој миг. Но, се сомневам дека целосно ќе исчезнат.

Затоа сметам дека блогирањето има неверојатне потенцијал како една врста на нов медиум, на простор кој ги истиснува или намалува етаблираните, кои ретко имаат можност да се занимаваат со личните инетереси на цели генерации прикажани низ текст и фотографии, па и видеа на обични луѓе кои имаат талент да го прикажат она што нив ги интересира од тој микросвет во кој живеат.

  • Познатите и квалитетни блогери како тебе се особено интересна мета за огласувачите и компаниите кои сакаат да допрат до нивната таргет публика. Дали веќе имаш понуди од овој тип?

Општа е проценката дека блогерството кај влијателни блогери е нов начин на масовен медиумски дигитален конзумеризам и факт дека е веќе бизнис сектор во подем. Мојот старт на блогот не беше со идеја за заработка, но денес можам отворено да кажам дека мојот блог заработува пари. И колку неверојатно да звучи мојата блогерска кариера беше без план.  Блогот секогаш беше место каде што пишував и преку фотографии пренесував што ме интересира. Очигледно, моите напори се забележани, бидејќи врз основа на мојот блог, јас добив можност да работам. Сакам да нагласам дека и покрај бенефитот од тоа, стојам на ставот дека содржината на блогот не треба да се искомерецијализира до граници во кои читателите не би уживале, затоа и добро размислувам дали и под кои услови ја прифаќам соработката.

Има многу компании кои сакаат со мене да соработуваат, но важно е да не се заработува по секоја цена, туку да стоите зад компанијата и производот кој го претставувате. Знам блогери кои рекламираат само заради реклама,  има и одредени, особено кога станува збор за мода…кога лажни брендови ги рекламираат како оригинални. Тажно е тоа. Подобро no name стилизирано на убав начин, отколку фејк кој ги дразни сетилата на естетиката. Само на фер начин можете да работите правилно и да градите имиџ на добар блог.

Во светот работата на блогерите, станува независна гранка, кај нас сеуште се докажуваме како нов медиумски концепт.

Еве конкретно јас, работам веќе интензивно со една маркетинг агенција од Лондон која ме ангажира за различни кампањи за познати брендови како Mercedes-Benz, London Designer Outlet, Häagen-Dazs, туристичката асоцијалија на Велика Британија итн. Во Македонија сум во преговори со една позната ПР агенција чија соработка навистина ќе ми значи. Значи во Македонија сум на почеток.

  • Веќе си до половина од твоите студии по политички науки и дипломатија. Блогерството ти оди одлично. Каде ја гледаш твојата прва формална работна позиција?

За мене доаѓањето во Лондон за да студирам на Квин Мери Универзитетот претставуваше патување на животот. Онаа фамозна реченица “Ви честитаме примени сте на нашиот Универзитет” е миг во кој откриваш што е растењето и за што сонуваш. Имав и тешка задача тогаш, од вкупно шест универзитети во САД на кои бев примена и три во Обединетото Кралство, да направам паметен избор. И не погрешив. Од првата средба кога стапнав на тревникот на Квинс Билдинг, до средината на студиите каде сум сега кога треба веќе да го подесам радарот на идна работна позиција. Дипломата на Факултетот за политички науки на QMUL ќе биде само круна на истомисленици кои високо целат. Се гледам себеси во неколку полиња и веројатно ова ќе биде период на самоевалуација.

Во Лондон имам неколку отворени можности за интерншип во меѓународни организации кои работат на полето на дипломатијата и лобирањето, а во Македонија имав можност да стажирам во Министерството за одбрана во секторот кој е задолжен за влегување на РМ во НАТО.  Се се тоа искуства кои ќе ми помогнат да целам кон вмрежување значајно за мојата идна кариера. Но, до тогаш имам уште доста работа и докажување на овој компетитивен Универзитет со школа за дипломатија која е на врвот на глобалната листа на образовни институции од оваа област.

[quote bgcolor=”#7f7f7f”]Наголемо сме згазнати во втората деценија од новиот милениум. Животот на мојата генерација се случува во едно прилично виртулено време кое има свои сериозни предизвици.[/quote]

  • Би сакале да слушнеме некои совети и насоки за млади кои бараат начини  како да изразат свои ставови или мислења, како да го направат тоа? Како да ги охрабриме повеќе младите да не се срамат од своите ставови и таленти?

Секој што ќе Ви рече, доволно е да сонувате, Ве лаже.

Со огромни инјекции напор, со убедувањето дека ова што го правам сум јас и го правам за себе, со работа на себе и инвестирање во нови знаења за да бидете свој човек. Наголемо сме згазнале во втората деценија од новиот милениум. Животот на мојата генерација се случува во едно прилично виртулено време кое има свои сериозни предизвици.

Кој е сонот за 21 век, што е она што треба да не инспирира нас т.н. “милениумци” кои се смета дека од 2020 до 2030 ќе го сочинуваат главниот кор на работни позиции од кои повеќето со нови знаења на позиции кои ќе раководат ?!? Тоа се прашања за кои треба сериозно да се размислува и да не останеме во нашето духовно осиромашување и проблематична транзиција од која никако не можат да се откачат претходните генерации потполно отуѓени, дезориентирани, со слаб морал, без идеали, без чувство за поголема вредност, за жртвување….или пак да им отстапиме простор на оние со големи апетити, а неспособни за многу нешта. Затоа, да згазнеме добро на тлото од ново време и да си речеме себеси “Биди свој Човек”.

 


Сподели!

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!