Помирени со фактот дека се покачува нивото на морињата и океаните архитектите почнуваат да креираат изводливи живеалишта поставени на или над вода. Италијанскиот архитект Лука Чурчи претстави дизајн на кула која не троши енергија, на секое ниво е исполнета со зеленило, а ќе се постави на дното на морето. Ова може да биде иднината на зелената архитектура која не и штети на природата.
Vertical City tower ќе се состои од 10 модуларни слоеви и ќе достигне висина од 180 ката. Фасадата ќе биде обвиткана со мембрана од фотоволтаично стакло, кое ќе генерира доволно енергија за зградата. Кулата ќе има вкупна површина од 17.650 квадратни метри кој ќе се искористи за канцеларии, станови, продавници и забавни активности. Дизајнот на кулата е фокусиран на обезбедување здрава средина која ги поврзува жителите и вработените со природата, пишува Inhabitat.
На пример, ќе обезбедува циркулација на воздухот и природна светлина на секое ниво благодарение на бројни перфорирации на надворешноста. Освен тоа, на надворешниот дел ќе има повеќе од 20.000 метри зеленило, вклучувајќи и отворена градина на кровот.
Масивната кула цврсто ќе биде всадена во морското дно. Катовите од кулата кои ќе бидат под вода ќе се користат за паркинзи и технички простории, како и за спа центри, центри за медитација, сали за вежбање итн. Исто така, ќе има и подводни хотелски соби кои ќе нудат уникатен поглед на морскиот свет.
До Vertical City ќе се пристапува по вода, по копно или од воздух. Ќе има повеќе пристанишни делови, докови, како и полупотонат мост за пешаци, возила и електричен јавен транспорт. На кровот ќе има и хелиодром.