Во текот на 2017 година во рамките на проектот Smart Start, кој е кофинансиран од Европската унија и се спроведува во пет земји: Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција, и чиј носител за Македонија е Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), десет македонски невладини организации добија грантови и поддршка да се трансформираат во социјални претпријатија.
Разговaравме со Маргарита Гулева, менаџер на ХабИТ, една од десетте поддржани организации.
Што работи социјалното претпријатие ХабИТ?
ХабИТ, од една страна, нуди услуги на лица со попреченост (пристапен простор, ИТ обуки и обуки за меки вештини, поддршка при вработување, советување и сл.), а од друга страна, нуди услуги на компании/институции/организации за тестирање на пристапност на информации/веб страници, како и развивање на пристапни ИТ решенија.
Преку ХабИТ ќе се развијат и ќе се подобрат вештините за вработување на лицата со попреченост и ќе се придонесе за намалување на нивната невработеност, а преку достапни е-информации и е-услуги ќе се придонесе секое лице да го искористи својот потенцијал и да биде активен член на општеството во кое живее.
Со колкав тим работи хабот и каков е профилот на вработените?
Тимот на ХабИТ се состои од ИТ специјалист и двајца дефектолози. Дополнително, хабот има ангажирано фриленсери кои работат на изработката на пристапните веб страници наменети за компании, институции, организации и тестатори, лица со попреченост кои ги поминаа онлајн обуките на ХабИТ и се стекнаа со знаење за да можат да ги тестираат веб страните за пристапност.
Во која развојна фаза сте и кои ви се плановите за 2018?
Проектот на УСАИД за социјалната инклузија преку технологија, имплиментирана од иВоте фондацијата, во соработка со здружението Отворете ги прозорците, го креираа хабот кој е наменет за лица со различен тип на попреченост и кои сакаат да развиваат дигитални вештини со цел полесно да се вклучат на пазарот на труд.
Идејата активно се развива, се адаптира и се подобрува, со цел креирање на нова иновативна приказна која ќе значи нов почеток за лицата со попреченст во ИКТ индустријата. Концептот на ХабИТ дополнително е поддржан од Смарт Старт проектот на ЕУ, како еден од десетте успешни концепти за социјално претприемништво со мал, но значаен грант.
Исто така, тимот учествуваше на акцелераторската програма организирана од Social Impact Lab за социјално влијание, каде што беше избран во април да патува во Виена и да ги презентира своите идеи пред инвеститори и социјални претприемачи. Се надеваме дека таму ќе се најдат инвеститори кои ќе ни помогнат уште повеќе да го промовираме овој концепт и да развиваме дополнителни услуги за нашата целна група.
ХабИТ во овој момент ги нуди услугите на компаниите и претпријатијата за изработка на нивните веб страни кои би ја зголемиле пристапноста на лицата со попреченост. До крајот на 2018 година се надеваме дека барем повеќе компании, организации или институции би сакале услуга од страна на ХабИТ за прилагодност на нивните веб страни и целиме да обучиме што е можно повеќе лица со попреченост за ИТ и меки вештини кои би им помогнале да се пласираат на пазарот на трудот.
Каков е слухот на релевантната јавност за социјалните претпријатија и дали постојат законски и логистички пречки за развој?
Во Македонија сѐ уште нема закон кој го уредува социјалното претприемништво и тоа значително го отежнува развојот на социјалните идеи во претприемачката средина. Сметаме дека со добар маркетинг и присуство во јавноста може да го поттикнеме интересот на релевантаната јавност. Поради моменталната состојба, во овој момент ХабИТ функционира како програма на Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците, но во иднина, штом се создадат услови, целта на ХабИТ е да функционира како самостојна компанија.