Српскиот стартап Review.Network успеа да привлече инвестиција од 1 милион долари

- Advertisement -

Српскиот стартап Review.Network успеа само после неколку состаноци со инвеститорите да добие вкупна инвестиција од 1 милион долари.

Како што пренесува B92Review.Network и нивниот проект заснован на блокчеин технологија дојдоа до инвестиција од компанијата Sherman Capital од Хонг Конг. Основачи на стартапот се Вук Поповиќ, Филип Караичиќ, Петар Словиќ и Иван Чириќ.

- Advertisement -

Стартапот направи платформа која ги решава проблемите на потрошувачите при проценувањето дали некоја онлајн препорака за производ или услуга е лажна или вистинита. Колку е ова важно во денешниот свет на купување покажува и статистиката според која 88% од луѓето им веруваат на онлајн рецензиите на производите исто колку и на препораката која би ја добиле од пријател. Тоа значи дека од овие онлајн рецензии зависи дали производот ќе се продава или не, а веќе постојат предупредувања дека многу од овие онлајн рецензии може да бидат и лажни.

„Секогаш кога сакавме да купиме или да нарачаме производ или услуга онлајн имавме проблем со наоѓањето квалитетна и точна онлајн оцена од корисниците. Сфативме дека системот на комуникација меѓу потрошувачите и компаниите не е доволно развиен. За да можеме да го подобриме ова и да ѝ помогнеме на целата заедница, дојдовме до идејата за Review.Network платформата“ изјавија основачите на стартапот.

- Advertisement -

Платформата ги наградува корисниците со токени кога пишуваат рецензии или валидизираат останати рецензии. Оној кој пишува рецензија мора да поднесе одреден број на токени, а откако рецензијата ќе биде оценета од други корисници и одобрена, се сместува во блокчеин и сите кои учествувале во рецензијата добиваат токени како награда.

- Advertisement -

Друга важна функција е тоа што платформата ќе ги поврзе компаниите и потрошувачите. Корисниците исто така ќе можат да добијат токени доколку учествуваат во некоја анкета која компанијата би сакала да ја спроведе. На овој начин и компанијата може подобро да ги запознае своите потрошувачи и да го унапреду производот, а корисниците за тоа ќе бидат наградени.

Основачите велат дека најголем дел од инвестицијата ќе биде наменета за развој на платформата и маркетинг, а мал дел на оперативни трошоци, меѓу кои и за правната регулатива.

Првата верзија на платформата се очекува веќе во втората половина на 2018 година и ќе биде достапна за секој. Развојот на целокупната платформа се очекува да се одвива во рок од две години. Проектот ќе биде за првпат претставен јавно на 21 април на конференцијата ITkonekt во Нови Сад.

Сподели!
- Advertisement -