Компанијата Telekom во Белград ги претстави можностите на мобилните мрежи од петтата генерација (5G), пренесува N1 info. Министерот за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Расим Љајиќ, истакна дека таа технологија ќе овозможи многу нови сервиси и услуги кои на граѓаните ќе им го олеснат животот. Тој истакна дека можностите на примената на 5G технологијата во индустријата и стопанството се неограничени во смисла на автоматизацијата на производството и дека ќе овозможи отворање на нови работни места.
„Според предвидувањата, оваа технологија ќе генерира 2 милиони нови работни места во Европа, 22 милиони нови работни места на глобално ниво и приходите од неа во 28-те земји-членки на ЕУ до 2025 година ќе изнесуваат 113 милијарди евра” вели Љајиќ.
Планот е до 2020 година да се воведе 5G мрежа во Србија, напрвин покрај автопатите и во големите градови, но предуслов е продажба на ослободениот фреквенциски спектар по завршувањето на дигитализацијата. „Државата ќе се подготвува за распишување на тој тендер и очекуваме дека и телекомуникациските оператори ќе бидат подготвени за во текот на 2019 година конечно да го финишираме тоа“, додаде Љајиќ.
Како што рече министерот, потребно е да се развива и широкопојасна инфраструктура, оптичка мрежа, што ќе биде тешка задача затоа што преносот на сигнали само преку мобилни уреди ќе биде скап, па потребно е изградба на оптичката мрежа. Според него, Србија направила исклучителни чекори напред во примената на 4G мрежата и се очекува таа покриеност до крајот на годината да биде повеќе од 90% во просек кога се работи за населението, а нешто помалку територијално.