#ИновативностЧита: Приказната за Airbnb – како тројца обични момци кренаа голема прашина заработувајќи милијарди?

- Advertisement -

Како да се размрда цела индустрија со навидум обичен концепт за бизнис и да се направат милијарди? На ова прашање може да најдете одговор во предлог книгата која ви ја даваме за овој викенд во рубриката #ИновативностЧита. Се работи за книгата Приказната за Airbnb од авторката Ли Галагер

Во минатото, кога планиравме годишен одмор или патување, се знаеше: баравме добра туристичка агенција која ќе ни ги обезбеди сите аранжмани. Потоа, како што станувавме сѐ повеќе „писмени“ на Интернет, почнавме сами да си ги бараме хотелите преку различни сервиси за резервирање на хотелско сместување. Денес пак, кога ќе прашате некого особено од помладите генерации, каде ќе преспие додека патува, шансите се големи дека ќе ви одговори: „Си букирав ербиенби (Airbnb)!“. Кога одреден поим ќе почне да се користи на ваков начин, како што впрочем веќе секој го користи и терминот „гуглање“, тогаш знаете дека се работи за концепт кој успеал да промени цела индустрија, а во овој случај туристичка индустрија вредна 500 милијарда долари.

- Advertisement -

Airbnb е онлајн платформа преку која можете да најдете сместување, во најголем дел од случаите поевтино од хотелското, кај некого дома или кај поединец кој издава соба или апартман. Секако, можете и вие да понудите соба доколку ви се наоѓа една слободна во домот и сакате да заработите некој денар повеќе.

Идејата за ваква платформа ја добиле Брајан Чески, Џо Гебиа и Нејтан Блечарзик кои сметале дека Интернетот, освен што може да се искористи за да ги поврзе луѓето, истите можат при тоа едни на други да си понудат евтино сместување.

- Advertisement -

Книгата Приказната за Airbnb – како тројца обични момци кренаа прашина и размрдаа цел бизнис заработувајќи милијарди, која од скоро ја има преведено и на македонски јазик, раскажува токму за тоа како овие тројца милениумци ја создале платформата и како истата почнала да расте вртоглаво брзо, па денес целиот бизнис да им биде проценет на 30 милијарда долари, што е повеќе од вредноста на ланецот на хотели Hilton.

Ли Галагер, авторката на книгата, е уредник во магазинот Fortune. Таа освен што убаво ги срочила фактите за суштината на Airbnb и какви промени предизвика појавата на оваа онлајн платформа за сместување, открива и една скриена страна од хотелиерската/туристичката индустрија и предизвиците со кои Airbnb се соочува.

- Advertisement -

Дали треба да постојат посебни регулативи за ваквиот тип на сместување? Како да се справат хотелиерите со „бумот“ кој Airbnb го предизвика во индустријата? Со какви последици се соочуваат луѓето кои нудат сместување и оние кои изнајмуваат соби преку платформата?

Без разлика какви се предизвиците кои се појавуваат за и поради еден ваков стартап кој полека прераснува во гигант, основачите успеале сами да ја откријат формулата и покажуваат колку дигитализацијата и современото доба во кое живееме му овозможуваат секому да си ја тестира својата идеја, со потенцијал да открие врвови до кои никој претходно не се искачил.

Како што споменавме, книгата веќе е достапна и на македонскиот пазар, па можете да си ја набавите за 450 денари. Ова е четиво што треба да се прочита, бидејќи приказната за Airbnb е доказ дека со навидум едноставна идеја може да се изгради нов вид на бизнис со потенцијал за секогаш да промени една индустрија.

Сподели!
- Advertisement -