Научници се подготвуваат да ја пуштат во употреба машината која ќе ги чисти океаните од пластичен отпад. Целиот систем ќе тргне летово кон Големиот пацифички остров од ѓубре кој се наоѓа помеѓу Хаваи и Калифорнија и се проценува дека содржи 1,8 трилиони парчиња пластика.
Како што пренесува Independent, се работи за првиот ваков подвиг за чистење на овој остров од пластика од кога е откриен во 1997 година. Машината треба да собере половина од отпадот во рок од пет години.
Големиот пацифички остров од ѓубре зафаќа двојно повеќе површина колку онаа на Франција и содржи најмалку 79 000 тони пластика, покажало истражувањето направено претходниот месец како дел од подготовките за лансирањето на машината. Отпадот кој се наоѓа овде убива преку 100 000 китови, делфини и фоки секоја година, а секојдневно се наоѓаат и многу морски птици и други видови морски животни со стомаци полни пластика, поради тоа што ја конзумираат пластиката сметајќи ја за храна.
Секоја година, преку 8 милиони тони пластика се исфрла во океаните. Околу 90% од пластиката во светот не се рециклира, а научниците веруваат дека секое парче пластика кое е произведено до сега, најверојатно уште постои некаде во светот. Пластичните предмети кои се за една употреба, можат да се распаднат во рок од 450 години.
Машината која треба да помогне во борбата против пластиката е развиена од непрофитната организација The Ocean Cleanup според дизајн на холандскиот пронаоѓач Бојан Слат.
„Се надевам дека со овој чекор за чистење на океаните од пластика ќе покажеме како може да се искористи технологијата во оваа борба“ изјави Слат.
Машината се состои од неколку поврзани долги цевки кои, исполнети со воздух, ќе лебдат на површината на водата. Откако ќе се собере пластиката, истата ќе биде собирана од бродови кои ќе одат до машината на секои шест до осум недели.
The Ocean Cleanup успеа да собере средства за проектот преку crowdfunding кампања, а подоцна доби и инвестиции, со што собра околу 25 милиони евра. Денес компанијата има околу 65 вработени, со цел тим од истражувачи и инженери.
„Ние како луѓе го создадовме овој проблем со пластичниот отпад во океаните и ние мораме да го решиме“ додава Слат.