Минатата недела технолошкиот гигант Apple објави дека сите нивни продавници, податочни центри и канцеларии се напојуваат со 100% обновлива енергија.
Како што пренесува CNN, се работи за подружници на компанијата во 43 држави вклучувајќи ги и Велика Британија, САД, Кина и Индија. Обновливата енергија доаѓа од неколку видови на извори како соларна енергија, ветерни фарми и биогас. Дополнително, уште девет нови добавувачи на енергија ќе доставуваат обновлива енергија до компанијата, што значи дека струјата на Apple ќе доаѓа од вкупно 23 производители на обновлива енергија.
„Ќе продолжиме да ги поместуваме границите колку што можеме и со материјалите кои ги користиме во нашите уреди, начинот на кој ги рециклираме, нашата соработка со добавувачите со цел да создадеме систем на постојано користење на обновлива енергија од што зависи целата иднина.“, изјавил Тим Кук, извршниот директор на Apple во соопштението.
Наведено е дека Apple ги напојува своите податочни центри со 100% обновлива енергија уште од 2014 година. Во меѓувреме, проектите за обновлива енергија на компанијата придонесоа кон намалување на емисијата на стакленички гасови од сите свои подружници за 54% во однос на 2011 година.
Новото седиште на компанијата во Купертино во Калифорнија, Apple Park, е најобемниот проект за обновлива енергија на компанијата чиј кров е целосно покриен со соларни панели. Два вакви слични објекти кои ќе прибираат обновлива енергија ќе бидат изградени и во Данска.
Одржливоста веќе станува приоритет за многу компании. Од Microsoft изјавиле дека нивните глобални операции се јаглеродно неутрални уште од 2012 година, додека пак Google исто така успеа целосно да се напојува со обновлива енергија минатата година.