Пред две недели од Instagram најавија дека ќе лансираат алатка која ќе овозможи преземање на содржините од социјалната мрежа. Сега опцијата Data Download веќе е достапна, пренесува TechCrunch. До неа може да се пристапи преку делот за подесувања на приватност на апликацијата.
Со помош на оваа опција корисниците можат даги симнат своите фотографии, видеа, архивирани „приказни“ после декември 2017 година, профилот, информации, коментари, лајкови, пораки, пребарувања, кориснички имиња на следбеници и на луѓе кои ги следите. Сепак, за да биде подготвена целата содржина за симнување ќе треба да почекате неколку часа.
Портпарол на Instagram потврди дека алатката Data Download моментално е достапна за сите корисници на веб апликацијата, додека корисниците на iOS и Android уреди ќе треба да почекаат уште малку. Лансирањето на алатката беше неопходно.
Instagram мора да ги исполнува правилата за преносливост на податоци кои се наведуваат во новиот закон за приватност на Интернет во Европската унија, кој ќе стапи на сила на 25 мај. Но, исто така е разумна одлука затоа што Instagram, кој веќе е доминантна алатка за споделување фотографии со повеќе од 800 милиони корисници, нема право да ги држи „заклучени“ податоците од корисниците.