Неделава Европската Банка за Обнова и Развој (ЕБОР) официјално ја претстави Програмата за финансирање на енергетска ефикасност GEFF, која ќе обезбеди финансирање за подобрување на енергетската ефикасност во домовите.
Охридска банка, Сосиете Женерал и Шпаркасе банка потпишаа договор со ЕБОР, со што станаа првите локални банки, кои ќе пласираат кредитни линии во вкупен износ од 4 милиони евра, наменети за натамошно кредитирање на енергетси ефикасни проекти во домаќинствата. Дополнителни 4 милиони евра се планира да се пласираат преку други локални банки. Овие инвестиции ќе им помогнат на домаќинствата да бидат на повисоко ниво на енергетска ефикасност, ќе ги намалат нивните емисии на гасови и ќе го подобрат нивниот животен стандард.
Иновативност разговараше со Игор Панчевски, технички експерт за Македонија, Косово и Албанија за тоа што се опфаќа оваа Програма
GEFF програмата во Македонија, ќе ги поддржи сите домаќинства со грант компонента до 20% од вредноста на кредитот кои ќе инвестираат во:
– топлинска изолација на ѕидови, под или кров;
– прозори и врати;
– котел или печка на пелети;
– топлински пумпи;
– сончеви колектори за топла вода;
– фотоволтаични панели за производство на електрична енергија;
– осветлување;
– вентилација и акумулациони бојлери за топла вода.
На што да обрнат внимание домаќинствата пред да влезат во инвестиција за да може да ја искористат можноста да добијат грант?
Сите оние кои ќе се решат да инвестираат и да бидат дел од програмата треба претходно да проверат неколку работи. Имено, во програмата се вклучени 11 технологии и преку 3.000 производи кои се високо ефикасни. Сите производи беа подложни на претходна верификации каде мораше да ги исполнат одредените технички критериуми зададени од ЕБРД (дадени на следниот линк https://ebrdgeff.com/macedonia/mk/the-programme/technical-eligibility-criteria
Овие производи се внимателно одбрани и со помош на фирмите кои ги продаваат во Македонија истите се внесени во Селекторот на технологиja кој претставува он-лајн каталог на производи (линк: www.ebrdgeff.com/macedonia/ts )
Секое заинтересирaно физичко лице пред да инвестира треба да провери дали производот во кој сака да инвестира е претходно одобрен од програмата и дали постои во селекторот на технологии. Доколку производот постои, може да провери кои фирми го продаваат истиот и да набави про-фактура од нив. Про-фактура за производот може да биде набавена и од фирма која не е прикажана на веб страната. Потоа со про-фактурата се оди во една од двете банки, партнери на програмата и се аплицира за GEFF кредитната линија.
Доколку банката го одобри кредитот на клиентот, потоа следува имплементација на мерката т.е. инсталација на производот. Кога ќе се заврши со инсталацијата на мерката, клиентот ја известува банката, а тимот на GEFF ќе изврши верификација на трошоците и инсталираната опрема. После успешна потврда се прави пресметка за грант и истиот се префрла на трансакционата сметка на инвеститорот.
Покрај самиот производ, како прифатливи трошоци за програмата се дефинирани т.н. дополнителни трошоци како што се: трошоците за инсталација, помошни материјали и работната рака. Овие трошоци програмата ги има веќе предефинирано како одреден процент од главниот производ кој се набавува.
За подетелни информации сите заинтересирани можат да се обратат кај банките, фирмите дел од прогрмата или на нашиот е-маил mk@ebrdgeff.com или на нашиот вибер број +389 77 866 231
Зошто домаќинствата ни требало да инвестираат во енергетска ефикасност? Кои се клучните придобивки?
Мерките за енергетска ефикасност треба да ги примени секое она семејство кое има можност. Придобивките од овие мерки ги има многу, но би можеле грубо да ги поделиме на две групи:
– генерални придобивки: намалување на емисиите на CO2 и други стакленички гасови во атмосферата. Намалување на емисија на ПМ10 и ПМ2.5 честички. Заради намалената потреба од електрична енергија, се растеретува електроенергетскиот систем во Македонија, со што се намалува потреба за скапиот увоз на електрична енергија.
– лични придобивки: зголемување на комфорот во својот дом, подобрување на квалитетот на живеење и здрава животна средина, намалување на сметките за греење од 50%, а некогаш и повеќе. Мерките за енергетска ефикасност, продолжуваат да генерираат ниски трошоци за греење и ладење и после отплатата на инвестицијата. Мерките за енергетска ефикасност инсталирани во домаќинставата даваат дополнителна вредност на објектот доколку сопственикот се реши да го понуди на пазарот на недвижнини.