Сите млади кои имаат идеја за социјален бизнис можат истата да ја аплицраат до 8 мај 2018 година, вторник (на полноќ) како дел од овогодинешната Награда за социјално претприемништво „Social Impact Award 2018“! Конкурсот е отворен он-лајн на веб-страницата socialimpactaward.mk. Монжстите кои ги нуди програмата се многубројни, од финансиски награди (три тима добиваат по 2000 евра од Шпаркасе банка Македонија), менторска помош и поддршка, патување на Интернационалниот самит во Грузија, можности за вмрежување, растење и учење.
„Се надеваме дека младите навистина ја препознаваат важноста од водењето сопстевен бизнис на еден етички начин, содавајќи позитивно општествено влијание. Нашата Банка е партнер на младите креативни и иновативни умови, па затоа ги поттикнуваме сите заинтересирани да ја искористат оваа можност” изјави Владимир Кечовски, директор на Дирекција за микро клиенти во Шпаркасе Банка Македонија на вчерашниот настан „Запознавање со жирито” кој се одржа во Јавна соба – Скопје. На настанот сите присутни имаа можност да ги споделат своите идеи со членовите на жирито и да добијат конструктивни коментари за својата идеја која потоа можат да ја пријават на Social Impact Award 2018.
„Social Impact Award беше можеби едно од најубавите искуства за мене како млад човек и социјален иноватор и истото го препорачувам на секој млад човек, кој има желба, визија, знаење и мисија да креира подобро општество за себе и за идните генерации. Целата програма од почеток до крај беше одлично организирана и корисна, а финансиската поддршка е само награда за тоа дека сите овие месеци сме растеле и созреале доволно за да продолжиме понатаму сами да креираме успеси и промени, што приватно, што професионално“ истакна Илина Вељановска, која со својата платформа Создади победи на ланската Наградата за социјално претприемништво, а со присутните на настанот ги споделуваше своите искуства, знаења и вештни стекнати во рамки на целокупната едукативна програма.
„Конкурсот оваа година го затвораме на 8ми мај (вторник) на полноќ. Потоа ги бираме најдобрите идеи, кои во текот на летото минуваат низ инкубација и добиваат менторски часови. Три од победничките идеи добиваат финансиска поддршка, а за четвртата награда од заедницата предвидена е менторска поддршка и сметководствени услуги. Целиот циклус завршува на почетокот на ноември кога победниците имаат можност да учествуваат на интернационалниот самит, кој годинава ќе се одржи во Грузија“ –појасни националната координаторка на програмата, Марија Матовска.
Иницијатор на Наградата која се доделува четврта година по ред е Social Impact Lab во соработка со организацијата Младиинфо, Пакомак, Фонд за иновации и технолошки развој и Конто профит. Поддршката и оваа година е обезбедена од Шпаркасе банка Македонија, која е верен соработник во мисијата за подобро општество.
Повеќе информации можете да добиете на веб-страницата socialimpactaward.mk.