На Интернет деновиве се појавија неверојатни видеа од застрашувачките способности на роботите на компа ијата Boston Dynamics, пишува DailyMail. Boston Dynamics објави две видеа на кои се гледаат новите вештини на двa од нивните најнапредни модели. На едното видео моделот Atlas, хуманоиден робот, може да се види како трча по трева и прекокнува дрво поставено на патот, па продолжува да трча. На второто видео се гледа роботот куче SpotMini како се движи самостојно низ канцеларии, се качува и слегува по скали, и сето тоа без никаква помош.
Роботот куче и неговите движења се морничаво слични на тие од научно-фантастичните серии што ги гледаме, каде што механизирани суштества живеат во една постапокалиптична иднина. Boston Dynamics е со седиште во Валтам, Масачусетс. Со помош на SpotMini тие успеаја да направат мапа од канцелариските простории благодарение на камерите кои се поставени на него. Кога ќе направи мапа од просториите, тие мапи потоа може да ги искористи за автономно да се движи наоколу и да поминува низ тесни ходници, па дури и да се качува и да слегува по скали. Некои луѓе на социјалните медиуми имаа силни реакции на роботите и изразија загриженост за потенцијалните ризици од ваквите роботи.