„Био Космос“ ќе произведува сирови производи под брендот „RawCoon“

- Advertisement -

„Био Космос“, кој веќе 10 години на нашиот пазар пласира здрава храна. Во асортиманост на оваа компанија има повеќе од 500 производи. Сопственикот Марио Мирсинов за „Иновативност“ открива дека веќе годинава купувачите ќе бидат изненадени со нови иновативни продукти, во вид на органски и свежи необработени (raw) продукти

 Разговараше Сања Наумовска

Здрвата исхрана, заедно со редовните физички активности се услов за квалитетен и долг живот. Безброј студии укажуваат дека секојдневното консумирање свежа, органска и термички необработена храна спречува развој на многу болести, меѓу кои се и најтешките, ракот, срцевите заболувања и дијабетесот. Брзата храна, полна со маснотии, сол и вештачки шеќери полека, но сигурно, излегува од мода, а купувачите се` повеќе се вртат кон традиционалното бавно готвење. Македонија е земја во која има идеални услови за производство на органски зеленчук, овошје и жита. Сите тие се дел од асортиманост на брендот „Био Космос“, кој веќе 10 години на нашиот пазар пласира здрава храна. Во асортиманост на оваа компанија има повеќе од 500 производи, органски, безглутенски макробиотски, жита, тестенини, зимници, супер храни, брашна…. Минатата година компанијата „Мирана“ го откупи „Био Космос“, а сопственикот Марио Мирсинов за „Иновативност“ открива дека веќе годинава купувачите ќе бидат изненадени со нови иновативни продукти, во вид на органски и свежи необработени (raw) продукти.

- Advertisement -

Г-дин Мирсинов, „Био Космос“ веќе десетина години на нашиот пазар е синоним за место каде што може да се најде голем избор на здрава храна и органски производи. Кажете ни нешто повеќе за асортиманот што го нудите на клиентите?

„Био Космос“ во својата палета има повеќе од 500 производи, а ние како нов тим напорно работиме на клиентите да им понудиме и нови и иноватвни производи. Тие ќе бидат во продажба во блиска иднина, така што, за неполна година од превземањето на компанијата, палетата на производи ќе биде над 550. Во асортиманот на Био Космос има разновидни продукти, безглутенски брашна, жита, барови, крекери, снегулки и тестенини, погодни за луѓето кои се нетолерантни на глутен, но и за сите оние кои го избегнуваат консумирањето на оваа состојка. Продаваме и макробиотски производи, тофу, сејтан, мисо, производи од соја и други, потоа, на нашите клиенти им нудиме и супер храна. Тоа се неколку водови на додатоци во исхрана, како на пример спирулина и ашваганда корен во капсули, но и супер овошје во форма на сушена аронија, гоџи, брусница, акаи, зелено кафе, но и протеински миксови, протеини од ориз и од семки од тиква, козја сурутка во прав и многу други. Покрај тоа, во палетата на Био Космос има и разни видови тестенини, покрај безглутенските, има и органски пченични, но и од специфични брашна, како на пример, од хељда, од овес, од ориз…

- Advertisement -

Продаваме и голем број жита, во пакувања со различна тежина, мусли и снегулки во различни комбинации со чоколадо, овошје, чиа семе…, и повеќе видиви барови. Особено е разновидна палетата на органски производи, која што вбројува и брашна, зимница, колачи, тестенини, чоколади, зачини, засладувачи, мешунки и други. Сите органски производи се сертифицирани од овластена сертификациона куќа, произведени по HACCP и ISO стандарди за квалитет. Во новата фабрика е воведена хигиенска пракса на највисоко ниво, воздушна дезинфекција и соодветна температура на складирање и производство.

Органска зимница

 

- Advertisement -

Асортиманот е навистина разновиден, но има ли некои производи што се омилени меѓу купувачите?

Има повеќе производи кои се истакнуваат како фаворити кај нашите купувачи, а тоа често зависи од продажното место, дали е маркет, специјализирана продавница, аптека или друго. Генерално, може да се каже дека во специјализираните продавници најголем интерес има за производите кои се наменети за појадок и за додатоците во исхраната. Во аптеките, пак, се бараат производи како есенцијални масла, магнезиум хлорид, сите видови протеини, супер храните и други. Во маркетите и во помалите продавници највеќе се продаваат производите за појадок и закуските како мусли, жита, овес, просо, хељда, никулци…, сите супер храни, што се користат за шејкови, кои сега се многу актуелни.


Голем дел од понудата под брендот „Био Космос“ е домашно производство на компанијата „Аронија здрава храна“. Планирате ли проширување на асортиманот и во кој правец?

Планираме големо проширување, важно ни е да создадеме производи кои се уникатни, а тој процес е многу долг. „Био Космос“ сега има искусен тим и се работи на многу проекти, кои не можеме да ги откриеме во овој момент, но штом сме возбудени значи се интересни. Планираме зголемување на асортиманост во сите линии на производи, но истовремено ќе ги скратиме и непрофитабилните производи, кои секогаш ги има во едно портфолио. Можам да откријам дека најголемиот дел од проширувањата ќе бидат во сегментот на органската храна, заради тоа што барањата и очекувањата на клиентите секојдневно растат, а на нашиот пазар има многу простор за развој во овој дел.

Органски сокови и слатко

Дали можеби размислувате и да понудите други органски производи, на пример органска козметика?

Засега фокус ни е храната, бидејќи, како што кажав, овој сегмент на здрава и органска храна треба уште многу да се развива. Сепак, не е исклучено да се прошириме и во друг правец, на пример кон органската козметика. Секое патување почнува со првиот чекор, можеби тој ќе се случи токму оваа година.

Здравата храна се` почесто е начин на живот на голем број луѓе, а пазарот на органски производи станува се` поконкурентен. Кој е рецептот за одржување и зголемување на квалитетот и задоволување на барањата на клиентите?

Рецептот за задоволни клиенти е секогаш да се работи на сите полиња. Сегментот на здрава и органска храна е комплексен и ние, покрај производството и трговијата, работиме и на постојана едукација на клиентите. Многу е важно тие да знаат како се користат производите, со оглед на тоа што во нашето портфолио има огромен број и многу специфични продукти. Затоа нам, покрај квалитетот на нашите производи, многу ни е важна и комуникацијата со клиентите. Генерално, луѓето под здрава храна многу погрешно ги сметаат само житата и јатките, а всушност здравата храна е онаа која е богата со витамини, минерали, протеини, ниско ниво на сол, шеќер, заситени масти и јагленохидрати, без конзерванси и генетски немодифицирана.

Точно е и дека пазарот е се` поконкурентен, но не е на сите полиња. Нашиот план за успех се квалитетните и уникатни производи. Тоа што во овој момент ни е движечка сила се големите планови и идеи за напредок, а го чекаме само вистинскиот момент и начин кога ќе ги  реализираме.

Каква е соработката со домашните производители на органски производи, имате ли проблеми во набавка на суровини?

Соработката со домашните производители е одлична, а органското овошје и зеленчук е се` повеќе застапено на нивните ниви. Од нив, како суровини набавуваме овошје, зеленчук и жита. Забележуваме дека и во овој сегмент владее здрава конкуренција, што е одлично, бидејќи само така ќе созрее пазарот на органски производи. Задоволство е да се каже дека огромен дел од органските производи кои ги продаваме се македонско производство и тоа ќе остане наша определба и во иднина.

Сепак, дел од суровините кои ни се потребни во производството се од увоз, од едноставна причина што не се карактеристични за нашето поднебје. Тоа се сите останати препарати, зачини, супер храни, тропски овошја, засладувачи и други. Тука морам да нагласам и дека ние како увозници и производители очекуваме државата да ни го олесни увозот и царинските стапки на одредени производи, за нашето производство на тој начин да стане поконкурентно, а со тоа и подостапно за сите потрошувачи.

Органски житарки

Компанијата „Мирана“ од минатата година е нов сопственик на брендот „Био Космос“. Што беше мотивот за оваа деловна одлука?

„Мирана” е фабрика за производи кои не спаѓаат во делот на здрава и органска храна.  Тоа е бренд што постои од 1999 година и што исто така работи во сегментот на храна. Во моментов произведува над седумдесет различни производи како сосови, кечапи, сенфови, маргарини, мајонези, слатки и други. Заради специфичноста на нашето производство, сметавме дека многу потешко ќе можевме самите да развиеме толку голема палета на производи и да создадеме бренд кој ќе биде толку познат во Македонија, како што е „Био Космос“. Заради тоа минатата година се очучивме да ги преземеме овој чекор. Здравата храна е во подем и свесноста на купувачите, глобално и кај нас, е сè поголема, па така и влезот на пазарот за здрава храна, беше круцијален за нашата компанија во оваа фаза.

Кои се вашите планови за иднина за двата бренда, „Био Космос“ и „Мирана“?

Искористувањето на меѓусебните ресурси е главната придобивка, што ќе ја искористиме за да се унапредат двете компании. „Мирана“ и „Био Космос“ ќе бидат во тесна соработка, која очекуваме да резултира со зголемување на продажбата и развој на иновативни производи. Сепак, и во идниина ќе ги негуваме како два посебни бренда, кои секој посебно ќе треба да ја јакне својата позиција на домашниот и на странските пазари. Задоволни сме од довербата на потрошувачите и во иднина ќе работиме за нивно задоволство, преку инвестирање и негување на двата бренда. Како најава за новина во најблиска иднина мора да го потенцираме и подбрендот на Био Космос – „RawCoon“, само за сирови и необработени производи. Во овој момент под овој бренд имаме само два производи, и тоа на лимитиран број продажни места, а во најблиска иднина понудата ќе ја збогатиме и со нови. Ќе понудиме пијалоци од комбуха, барови од свежо овошје, сирови јатки и семиња……

Овој чекор е неопходен бидејќи има луѓе на кои им значи производот да е сиров, природен и термички или хемиски необработен. На тој начин производите ги задржуваат витамините, минерали и други корисни состојки. Листата на бенефити од консумирањето сирова храна е голема за кожата, дигестивниот систем, спиењето, енергијата, заситените масти во телото, подобрена совест итн. Тоа е начин на живот, но секако, во разумни граници бидејќи има и негативна страна, на пример опасностите од бактерии при конзумирање на живи јајца или месо.

Сподели!
- Advertisement -