Појдете на „Ранчо на Ванчо и Ката“ во Оморани и вљубете се повторно

- Advertisement -

„Ранчо и Ванчо на Ката“ е уникатно место. Ем далеку oд урбаната џунга ем блиску до град. Ем блиску до природата ем опремено со сите дигитални технологии. Местото е идеaлно за бегство од  секојдневието, за доближување со корените и природата, место каде ќе се вљубите повторно… Навистина уникатно!

Уживање во прекрасната природа на планината Јакупица, покрај реката Бабуна, во прошетки на чист воздух и дегустација на домашна храна, се убавините кои ги нуди селската куќа „Ранчо и Ванчо на Ката“. Домаќините, Катерина и Ванчо Георгиеви, кога пред 10 години решиле да купат куќа на село, биле реализирани во своите дотогашни професии. Сепак, желбата да се биде поблиску до природата и да се живее на комплетно одржлив начин, ги мотивирала да го напуштат големиот град и да се посветат на сосема поинаков повик, развој на руралниот туризам во Македонија.

Тие, во нивните две стари селски куќи во селото Оморани, во општината Чашка, го оформиле „Ранчо и Ванчо на Ката“ и во него денес се домаќини на туристи од целиот свет, кои ги угостуваат со својата несекојдневна гостопримливост. Тие se дел и од иницијативата „Food for tomorrow“, основана од Шведскиот институт, Living Cities, WNEAT во соработка со Шведската амбасада во Скопје и Белград, која има за цел да ги вмрежи визионерите и да помогне нивните идеи да прераснат во конкретни проекти за одржлива иднина на храната.

- Advertisement -

Тоа беше поводот „Иновативност“ да поразговара со Катерина и да ги открие нејзините идеи за одржливо живеење.

- Advertisement -

 

Отворени и насмеани, Ката и Ванчо во Оморани нема да ви понудат само кревет за преспивање, туку како да им влегувате дома, ќе ви сварат кафе и ќе ве понудат со домашно слатко или пак со домашна ракија. Амбиентот на „Ранчо и Ванчо на Ката“ е автентичен за нашето поднебје. Куќите се изградени пред стотина години, со стара камена архитектура, карактеристична за времето пред повеќе од еден век. Сместени во прекрасната природа покрај реката Бабуна, на туристите им нудат безброј можности за уживање во чист воздух, прошетки, планинарење, возење велосипед, но и во храната на Ката, спремена со свежи локални производи, по традиционални рецепти.

- Advertisement -

Гостите најчесто се од западните земји, кои сакаат да дојдат во рурални предели и да истражуваат. Но, во последните години се забележува се поголем интерес и од домашните гости. Тоа се млади до 30 години, кои сакаат да дојдат и да поминат викенд во село и да истражуваат и на кои не им е проблем викендот на плажа да го заменат со викенд во рурална средина.

Интересно е што сите што дошле очекувале едно, а доживеале нешто сосема спротивно“, вели Ката и додава дека вообичаено гостите не очекуваат во стара селска куќа да ги имаат сите придобивки на модерното време, телевизија, интернет, комплетно уредени бања и кујна и базен во дворот. Таа вели дека многу често туристите, откако ќе ги видат полураспаднатите куќи во околината, пред да одлучат дали ќе останат, влегуваат да проверат во каква состојба е собата што ја изнајмиле. Многу често не си веруваат на своите очи и не го кријат изненадувањето кога ќе видат дека „Ранчо и Ванчо на Ката“, всушност е идеален спој на модерното и традиционалниот изглед.

„Никогаш не ми се случило на гостинот само да му го дадам клучот и да го оставам сам. Ова е мојата гостинска куќа и јас тука живеам и примам гости. Овде секој што ќе дојде ќе добие специјален третман. Мојот ангажман е целодневен, ако треба да им подготвам храна, да ги упатам во околината и можностите што им ги нуди, а особено моја специјалност се изнанадувањата со вечерата. Тајната е во виното и атмосферата, но и во слатките тајни кои не ги откривам, а ги користам да ги изнанадам моите гости. Си одат повторно вљубени, откако предходно се погледнале на начин што, можеби го подзаборавиле“, вели Ката.

[quote]„Ранчо и Ванчо на Ката“, всушност е идеален спој на модерното и традиционалниот изглед.[/quote]

„Ранчо и Ванчо на Ката“ има дневен престој телевизор и интернет и со комплетно уредена кујна. Во куќата гости може да се сместат во 4 соби со три бањи. Куќата прима гости од 2012 година, а на букинг се од 2015 година. Минатата година добиле просечна оценка од 9,6.

Во дворот има летна кујна со скара, летниковец и отворен базен. Сепак, иако ги има сите придобивки на модерното време, Ката и Ванчо на своите гости настојуваат да им понудат повеќе можности за уживање во природа.

Ако треба ќе им ги конфискувам и телефоните“, се шегува Ката, иако поентира дека детоксикацијата од електронски уреди е тренд во светот.

Покрај прошетките во природа, може да се ужива и во риболов, посета на водопадите на Бабуна, планинарење до Солунска глава, но и во курс за суканици и традиционални колачи.

„Имавме гости од Русија, кои возеле 20 часа за да дојдат кај нас. Стигнаа во сред ноќ, премногу уморни и ненаспани. Јас веднаш им подготвив супа од зеленчук, а тие не можеа да веруваат дека и тоа е дел од нашата работа, односно нашето задоволство да ги угостиме. Останаа два дена повеќе од предвиденото, а нивниот коментар беше дека овде го откриле апсолутниот одмор“, објаснува Ката.

Целиот концепт на руралниот туризам е поинаков од оној од класичниот туризам. Тоа се огледа, не само во гостопримливоста и непосредноста како Ката и Ванчо ги дочекуваат гостите, туку и во храната која се подготвува. Се користат исклучиво продукти од локални производители, свежи и произведени на органски начин. На тој начин, вели Ката, се поддржува локалната економија и се поттикнува одржливиот развој. И самите тие, како мал семеен бизнис се застапници на концептот да се помогнат локалните семејни бизниси, а не уште повеќе да се поттикнува растот и богатењето на глобалните корпорации.

Семејниот се надополнува со домашно подготвената храна, а доматите од стари семиња, кои растат во дворот гостите можат самите да си ги одберат, за да им се подготват појадок или за вечера. Во бавчата имаат и салата, рукола, блитва…., а од локалните производители купуваат јајца.

Појадокот е дел од понудата за сите гости што ќе преспијат, а секогаш има и можност за вечера со две менија, со месо или медитеранско. Ако сакаат, гостите можат и самите да си готват, бидејќи во кујната има се што е потребно. Во Оморани има и фарма со кози, која произведува и козјо сирење. Тоа од годинава ќе биде и една од атракциите, кои ќе можат да ги доживеат гостите.

„Ќе направиме 4 типови на сирење кои гостите ќе можат да ги дегустираат и да ги купат. Ќе им дадеме можност да поминат и неколку часа и самите да си направат сирење. Сумата која ќе се плаќа ќе биде мала, ќе значи дополнителен приход за фармата, но задоволството на гостите ќе биде уште поголемо“, објаснува Ката и додава дека има и други идеи кои ќе им ги понуди на локалните семејства, што за гостите би биле атракција и доживување, а за мештаните дополнителен приход. Сепак, она што е главниот мотив е поврзувањето и зближувањето на луѓето со природата и меѓу себе.

Сите сме романтични и сакаме да доживееме љубов. Мојата мисија е да ги направам моите гости среќни, тоа е иновацијата, но и тајната во мојата понуда. Кој сака да ја открие треба да дојде во ’Ранчо и Ванчо на Ката’“, вели Ката.

ФОТО-ГАЛЕРИЈА ОД “РАНЧО НА ВАНЧО И КАТА“

 

Сподели!
- Advertisement -