8 забавни игри за долги возења со деца во автомобил

- Advertisement -

Подолгите возења во автомобил за децата можат да бидат напорни и досадни. Направете го патувањето интересно со имагинарни игри и искористите го тоа време за квалитетно семејно дружење. Ви подготвивме осум предлози на игри, кои што можете да ги играте со своите деца, и кои што можеби веќе сте ги играле со своите родители.

1. Детектив или Кој ќе види прв

Доколку имате помали деца, можете да се обидете со играта „Кој ќе види прв“, на пример: елка, мост, сообраќаен знак, црвен автомобил, нешто сино и слично. Ќе се изненадите колку време се подготвени вашите деца да ја играат оваа игра, па дури и најмладите ќе сакаат да соработуваат.

- Advertisement -

За постари деца, оваа игра можете да ја надградите, на пример, да победи оној кој прв ќе здогледа 10 црвени автомобили или слично.

Втора верзија на оваа игра може да биде, еден од играчите да каже на пример „јас здогледав нешто сино“, а другите да погодуваат што е тоа.

- Advertisement -

2. Раскажување на приказна

Измислување на поврзана приказна знае да биде многу забавно. Ви гарантираме голема доза на смеење. Некој започнува со збор, вториот го повторува зборот и го надополнува со свој. Така играта продолжува сѐ додека некој од играчите не заборави да го повтори точниот редослед на приказната, која што сте ја создале преку игра.

Дали знаете каква забава е за најмладите кога ќе настане приказна за виолетовото пенкало, кое сака да се бања во езерото заедно со розовите крави, кои немаат палачинки?

- Advertisement -

3. Претпоставки

Секој учесник дава претпоставка. На пример, во следните три минути ќе нѐ поминат девет зелени автомобили, или три автобуси. Тој кој е најблиску со својата претпоставка победува.

4. Каладонт и други игри со зборови

„Каладонт“ е говорна игра, којашто речиси секој ја знае. Соодветна е за нешто поголеми деца.

Некој кажува збор, играчот после него треба да смисли нов збор со двете последни букви од кажаното зборче од претходниот играч.

Кога некој ќе изговори збор, којшто завршува на буквите „ка“, следниот извикува каладонт и тој е победник, бидејќи не е можно да се најде зборче коешто почнува со буквите „нт“. Барањето на зборчињата можете и временски да го ограничите.

Игри со зборови има многу. Сите добро ја познаваме играта “најди зборче на А, пред да истече времето“ и така натаму по азбуката. За малку постарите деца соодветна е и играта „на буква на буква“ и „брза географија“.

Можете да играте и рима, кадешто првиот кажува збор, а следниот играч треба да најдат зборче кое ќе се римува со претходното.

5. Замисли си личност или животно

Еден од учесниците си замислува личност, која сите играчи ја познаваат. Другите поставуваат прашања, нпр. „Дали носи очила, дали е млада?“ Тој што ја замислува личноста може да одговара само со да или не.

Играта можете да ја играте така што лицата кои прашуваат се менуваат и имаат право на само 10  прашања.

Играта „Замисли си животно“ е наменета пред сѐ за помладите. Преку играта ќе видите колку знаење имаат децата за животните, а воедно ќе научат и многу од повозрасните.

6. Свиркање песни

Еден од учесниците во играта ќе свирка песна. Тој кој ќе погоди за која песна станува збор е победник, но само откако ќе запее делче од песната на глас.

Другите може да му се приклучат. Гласното пеење во автомобилот ја подигнува расположеноста и вољата на патниците, а посебно на децата на задните седишта.

7. Игра со регистарски таблички

Постои голем број на игри поврзани со регистрациски таблички. Една од нив е пресметување, бидејќи победува оној кој прв ќе ги собере броевите од регистарските таблички на автомобилот пред вас.

Друга верзија е да се обидете први да најдете странска регистарска табличка.

8. Игра со раце

Нашите најмлади неверојатно се забавуваат кога во играта ќе се вклучат раце и прсти. На пример кога пееме песни, покрај пеењето ги прикажуваме зборовите од песната со раце.

Овие игри за жал го ограничуваат учеството на сите сопатници во автомобилот, но е соодветна за сопатниците на задните седишта. Една од најпознатите е „Штом си среќен“.

Друга верзија на оваа игра е да изберете песна и да се обидете сами да ги прикажете зборовите со движења на рацете.

Сподели!
- Advertisement -