Компанијата Facebook одлучи да издава свое списание кое ќе излегува четири пати годишно. Списанието Grow e првото издание на најголемата социјална мрежа во светот и ќе биде наменето претежно за бизнис секторот, односно за лицата што се занимаваат со претприемништво и со креативни индустрии.
Како што стои во блогот објавен од Facebook, Grow е продолжение на нивна маркетинг програма чија цел е да им се помогне на лидерите од бизнис секторот да бидат информирани со нови искуства и иновации што би им помогнале во напредувањето на пазарот.
Содржината на магазинот кој ќе излегува и во електронска верзија, ќе биде достапна преку Facebook страницата на следниов линк, како и преку другите дигитални платформи како Instagram и LinkedIn.
Според објаснувањето во блогот, печатените изданија на магазинот ќе бидат дистрибуирани во бизнис-класите на одредени аеродроми и возови. Идејата е да им се овозможи на „зафатените“ бизнисмени, кои патуваат долго, да имаат содржина во која ќе пронајдат теми што се интересни за нив.
„Знаеме дека лидерите во бизнисот имаат ограничено време за читање долги содржини додека се на работа. Затоа направивме печатена верзија, што може да се консумира за време на патувањата“, стои во објаснувањето.
За печатената верзија на магазинот сè уште не е предвидена наплата, а во него ќе нема ниту реклами. Целиот проект со списанието му е доделен на северно-европскиот маркетинг тим на Facebook.
Во магазинот има повеќе текстови, меѓу кои и приказна за трансформацијата на Париз во глобален стартап центар, како и интервју со Оскар Олсон од H&M.