Жителите на планетата Земја ги трошат нејзините ресурси во рекордно време, покажуваат најновите проценки. Таканаречениот Earth Overshoot Day е денот кога ќе ги потрошиме годишните резерви на планетата и нашите потреби ги надминуваат расположливите ресурси кои планетата може да ги регенерира за период од една година. Сега ни останува само една недела до тој датум за годинава.
Поради претераното ловење риби, огромната емисија на штетни гасови, истражувачите велат дека за само 212 дена сме ги потрошиле годишните резерви и влегуваме во минус. Тоа значи дека нашите потреби за ресурси може да ги задоволат 1,7 Земји.
Според тимот истражувачи кој стои зад пресметките, Earth Overshoot Day годинава е на 1 август. Табелата која ја направија покажува како овој ден доаѓа се порано и порано секоја година во текот на последните неколку децении. Во 70-тите години, на пример, тој ден доаѓал во ноември или декември.
Earth Overshoot Day се пресметува врз база на најновите статистики на Обединетите нации и проценува каков е соодносот на биокапацитетот на Земјата, односно количината ресурси кои таа ги регенерира за една година и еколошкиот отпечаток кој го оставаат луѓето врз планетата, пишува Daily Mail.
Научниците велат дека позајмуваме од ресурсите кои ќе ни бидат потребни за во иднина да ги одржуваме во живот економиите од денешницата. Како и Пирамидалната шема или измама, ова функционира одредено време. Но, како што нациите, компаниите и домаќинствата се повеќе се „задолжуваат“, тие со тек на време ќе се распаднат.
Иако звучи страшно, експертите велат дека уште има шанси да се доведе во ред ситуацијата. Интегрирањето на повеќе енергетски ефикасни градби и подобар јавен транспорт, на пример, може да го намалат негативното еколошко влијание врз животната средина во урбаните области. Намалувањето на емисијата на јаглерод диоксид ќе има особено значаен ефект. Доколку се намали учеството на јаглерод диоксидот во тоа еколошко влијание за 50%, ресурсите потребни за преживување ќе може да ги обезбедат 1,2 Земји.
Производството на храна исто така игра огромна улога во овие неповолни трендови. Доколку се намали консумацијата на месо и се намали отпадот од храна на глобално ниво, експертите велат дека Earth Overshoot Day ќе може да се помести за неколку дена. Но, многу од овие цели ќе биде тешко да се остварат затоа што расте популацијата на Земјата.