Италијанскиот архитект Карло Рати и компанијата Sidewalk Labs под капата на Alphabet заедно направија модуларен систем за поплочување кој овозможува една иста улица да се користи за различна намена во текот на денот. Dynamic Street е прототип на Carlo Ratti Associati и Sidewalk Labs. Системот од шестоаголни плочки е дизајниран за лесно да се вади и да се преместува за неколку часа или неколку минути.
Целта е да се овозможи ист еден дел од улица или тротоар да се користи за различни цели во различно време од денот или во различни денови од неделата. CRA дава пример на еден урбан пат кој е полн со велосипеди и пешаци во текот наодреден период, а остатокот од денот речиси не се користи, пишува Dezeen.
Dynamic Street ќе овозможи таквите површини да се трансформираат во место за играње попладне или за време на викенди во места за забава или терен за кошарка. „Dynamic Street создава еден простор за урбани експерименти, Со овој проект сакаме да создадеме еден пејзаж на градот кој ќе се менува во зависност од потребите на жителите“ вели Рати.
Освен тоа што лесно можат да се преместуваат, плочките на Dynamic Street се опремени со светла кои може да се подесат да светат како мепачки премин, како велосипедска патека и сл. Секоја плочка исто така има посебен слот за ставање вертикални елементи како што се столпчиња, паркинзи за велосипеди, опрема за вежбање, сталак за микрофон или кошеви за кошарка.
„Потребни се 40 до 50 години за да се смени еден индустриски пејзаж. Ние сакаме да го забрзаме тој процес. Беспилотните автомобили ќе го сменат бројот на ленти по патиштата и паркинг местата. Dynamic Street е флексибилна платформа која овозможува луѓето да видат како технологијата може да се развива и да се прилагодува на различни услови“ велат од СRA.
Прототипот на CRA и Sidewalk Labs е направен од дрво, но креаторите сакаат крајниот производ да може да се направи од различни материјали, вклучувајќи и бетон и гума. Проектот е изложен во просториите на Sidewalk Labs во Торонто, каде што се поставени 232 модуларни плочки да симулираат улица широка 11 метри. Отворено е за посетители секој викенд во текот на летото.