Ванчо Зрнцев: Органскиот сок од гоџи, вишни и јаболка на „Биоплант“ доби Oскар за супериорен вкус!

- Advertisement -

Густиот сок од органски гоџи, вишни и јаболка, на македонската компанија „Биоплант“, неодмна беше награден од Меѓународниот институт за вкус од Брисел со наградата за супериорен вкус, Superior Taste Award. Целата суровина, како и соковите се произведени во земјава од производители кои се сертифицирани со ЕУ сертификати за органско производство. Компанијата, како што вели нејзиниот сопственик, Ванчо Зрнцев, произведува и саден материјал за гоџи бери и го промовира органското произвоство кај локалните кооперанти. Во план им е зголемување на асортиманот на производи, но и проширување на пазарите во Азија.

Разговараше – Сања Наумовска

- Advertisement -

Г-дин Зрнцев, органскиот сок со гоџи, вишна и јаболко на „Биоплант“ неодамна беше награден од Меѓународниот институт за вкус со наградата Superior Taste Award. Кажете ни за кои производи се закитуваат со овие награди?

Жирито на Меѓународниот институт за вкус (International Taste Institute), од Брисел, составено од најдобрите светски готвачи и сомелиери, почнувајќи од 2005 година, па до денес, има евалуирано повеќе од 15.000 производи од целиот свет. Сите производи кои ги задоволуваат исклучително строгите критериуми на жирито, може да ја добијат престижната награда за супериорен вкус, Superior Taste Award. Како што за најдобрите филмови се доделува Оскар, така за највкусните прехранбени производи и пијалоци се доделува наградата за супериорен вкус. Презадоволни сме што нашиот сок влезе во ова елитно друштво и е оценет со вакво престижно признание. Тоа е потврда за квалитетот на нашите производи и потврда дека сме на вистинскиот пат.

- Advertisement -

Вашата компанија пред неколку години прва во земјава започна со производство на органско гоџи бери, а сега и на негови преработки. Какви сокови правите правите во моментов и во колкави количини?

Нашите сокови се направени од цедено органско овошје, кое ние го откупуваме од нашите долгогодишни кооперанти. Во соковите не додаваме шеќер, вода, конзерванс или други додатоци, кои најчесто се користат при производството на евтините комерцијални пијалоци. Сокот не се расипува затоа што со помош на мошне кратка пастеризација, при затворањето на шишињата, се добива природен вакуум кој не дозволува воздухот да допре до сокот. 

- Advertisement -

Во моментов произведуваме органски сок од гоџи и јаболко, гоџи, малина и јаболко и гоџи, вишна и јаболко, потоа сок од органско јаболко, како и свежо цеден сок од јаболко. Количините на произведените сокови најчесто зависат од годишната реколта на органските овошја што ги откупуваме, јаболко, гоџи, вишна и малина. Внимателно ги одбираме здравите плодови, ги миеме, ги мелеме и пресуваме, а капките сок ги пакуваме во стаклена амбалажа, бидејќи во неа вкусот останува непроменет. За да го спречиме влијанието на сончевите зраци врз квалитетот и вкусот на сокот, користиме современа технологија со која го прекриваме целото шише со специјална фолија.

На сите етикети од „Биоплант“ органските сокови ќе го најдете официјалниот симбол за органски производ, со кој освен што се гарантира дека производот 100% е органски, се потврдува и нашата посветеност за зачувување на здравјето на потрошувачите и нашата грижа за еколошка здрава средина.

„Биоплант“ произведува и саден материјал за органски гоџи, а се гарантира и откупот на целиот род. Дали се зголеми интересот кај македонските земјоделци да го садат и одгледуваат ова овошје?

Веќе осум години се занимаваме со органско гоџи. Тоа е дрвенесто растение, со вкусен плод во форма на црвени бобинки. На Хималаите со векови се користи не само како храна, туку и како природен лек, а ефектот најмногу се постигнува доколку истото се конзумира свежо или како ладно цеден сок. Ние неколку години произведуваме саден материјал согласно Законот за органско производство, продаваме садници и го гарантираме откупот со повеќегодишни договори. Не постои полукративен агро-бизнис кај нас, од производството на органско гоџи.

Но, навиката да се произведуваат традиционални земјоделски култури, и покрај фактот што за нив нема гарантиран откуп или дури и ако има, откупната цена е ниска, придонесува македонскиот земјоделец со резерва да ги прифаќа новините во земјоделието. Сепак, факт е дека нашиот гарантиран откуп придонесе многу за зголемување на органското производство кај нас.

Вашата компанија „Анима“ исто така откупува органско овошје од локални производители. Дали сето се преработува во сок?

„Анима“ е најголемиот откупувач на органско овошје во Македонија, а „Биоплант“ соковите се прават во најголемата фабрика во Македонија што произведува органски сокови и која е сертифицирана за органско производство по европски стандарди. Освен гоџито, го откупуваме и целото производство на органско јаболко на „Агроплод“ од Ресен, како и јаболкото од други помали органски производители кои имаат ЕУ сертификат. Откупуваме и органска вишна и малина. Целото откупено овошје го преработуваме во цеден сок.

На кои пазари се пласира органскиот сок?

Освен на домашниот пазар, нашите сокови ги пласираме во земјите од Блискиот Исток, а неодамна потпишавме договор и со дистрибутер од Филипини. Планираме наскоро да го зголемиме и асортиманот на производи, да воведеме и повеќе видови на пакувања, а ќе набавиме и најсовремена опрема за преработка и пакување.

Сподели!
- Advertisement -