Македонските универзитети и годинава не се дел од најдобрите 1.000 според Шангајската листа. На академското рангирање на светски универзитети за 2018 – та година, приматот го држи Харвард, кој веќе 16 – та година е на челната позиција. Тројката најдобри ја комплетираат Универзитетот на Стенфорд во САД и британскиот Кембриџ.
Дел од клучните критериуми за рангирање на универизтетите се бројот на објавени научни трудови во меѓународни списанија, цитирање, како и број на добитници на Нобелови награди.
Од министерството за образование и наука велат дека се посветени на реформите кои во иднина треба да донесат резултати кои ќе помогнат да бидеме дел од овие листи на успешни универзитети.
„Меѓу првите новини кои беа воведени е ново усвоениот Закон за високо образование, изготвен со оние за кои се однесува и кој, треба да понуди поголема државна поддршка за високо образовните установи, но и нивна поголема автономија, поголема слобода во изразувањето и работата што претставува и мотив за дополнителен ангажман на професорската и научна фела, а во насока на постигнување повисок раст од квалитативен аспект и стекнување на поголема регионална, па и глобална препознатливост на универзитетите“, велат од Министерството.