Идната инвестиција на Apple е во Apple Car, тврди Минг-чи Куо, технолошки аналитичар чие мислење во IT-светот е многу почитувано
Куо, кој моментално работи за TF Internacional Securities, очекува дека Apple Car ќе се појави помеѓу 2023 и 2025 година и ќе воведе револуција во светот на автомобилите како што тоа го направи iPhone кога се појави во 2007 година.
Аналитичарот смета дека во автомобилскиот сектор постојат „големи барања за промени“ на постојните концепти на возила, бидејќи процесот на редефинирање на нови технологии е во тек. Напредните технологии на Apple, како што е работата на полето на „проширена реалност“ (зголемена реалност), би можеле целосно да го редефинираат автомобилот како производ, вели Куо.
Според неговото мислење, Apple може многу поуспешно да ги интегрира хардверот, софтверот и различните кориснички услуги, од конкурентните компании од областа на потрошувачката електроника и автоиндустријата.
Apple од 2017 година ги насочи своите напори кон развој на автономни технологии и тестирање на улиците на Купертино, користејќи автомобили на Lexus – SUV опремен со автономна технологија за автомобили.
Компанијата, исто така, ангажираше и некои ценети експерти, како што е Даг Филдс, кој пет години работеше како водечки инженер во Tesla, што ги подгреа шпекулациите дека Apple повторно ја разгледува идејата за развој и производство на сопствено возило.
Ако предвидувањата на Минг-чи Куо се вистинити, Apple би можел софтверот кој го развил при тестирањето на системот за автономно возило да го вгради во електричен автомобил, а кој, како што најавува Куо, ќе се појави на пазарот најрано во 2023.