Google сака да им помогне на корисниците да менаџираат со времето кое го поминуваат на YouTube. Технолошкиот гигант лансира повеќе алатки digital wellbeing, вклучувајќи и опција која на корисниците им покажува колку време поминуваат на сајтот во текот на денот, во текот на минатата недела и просечно дневно.
Ова е дел од последните напори на компаниите од Силиконската Долина да ја начнат темата за зависноста од паметните телефони и да се погрижат времето кое корисниците го поминуваат на нивните онлајн сервиси да е квалитетно потрошено.
Опцијата Time Watched почнувајќи од вчера е достапна за сите корисници. „Нашата цел е да им помогнеме на луѓето подобро да разберат како го потрошиле времето на YouTube за да донесат одлука каква улога ќе има YouTube во нивниот живот“ се вели на блогот на YouTube.
Опцијата Time Watched овозможува и ограничување на времето за гледање видеа. „Лесно е да изгубите чувство за времето кога се забавувате, па затоа ви треба потсетник кога треба да направите пауза“ додаваат од компанијата. Освен тоа, YouTube сега ќе ги исклучи вибрациите при пристигнување известувања од 11 до 8 часот за да не им пречат на корисниците кога спијат.